• четврток, 21 ноември 2024

Соработникот на Трамп, Стив Бенон, почна да издржува затворска казна

Соработникот на Трамп, Стив Бенон, почна да издржува затворска казна

Вашингтон, 1 јули 2024 (МИА) – Стив Бенон, влијателен соработник на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, започна да издржува четиримесечна затворска казна поради непочитување на Конгресот, откако не се одзва на обврзувачкиот повик да сведочи пред комитетот што го истражуваше нападот на Капитолот на 6 јануари 2021 година.

Бенон, по пристигнувањето во федералниот затвор со минимално обезбедување во Конектикат, пред новинарите и присутните поддржувачи изјави дека е политички затвореник, пренесува Глас на Америка.

- Горд сум што денеска одам во затвор. Не само што не се каам, туку сум горд на она што го направив, рече Бенон.

Тој ќе биде во затвор речиси до денот на изборите, закажани за 5 ноември, на кои Трамп е републикански претседателски кандидат.

Затворениците во федералните затвори немаат пристап до интернет или социјални мрежи, поради што Бенон ќе има тешкотии да комуницира со оние што го слушаат неговиот подкаст „War Room“.

Бенон започна да ја издржува затворската казна откако Врховниот суд во петокот го одби неговото барање да му се одложи издржувањето на казната додека не заврши жалбениот процес.

Тој беше прогласен за виновен во 2022 година по две точки од обвинението за непочитување на Конгресот.

Обвинет е откако одби да предаде документи или да сведочи пред комитетот на Претставничкиот дом, во кој тогаш мнозинство имаа демократите, кој го истражуваше насилниот упад на поддржувачите на Трамп во комплексот на американскиот Конгрес, во обид да се спречи формалната потврда на победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година.

Бенон беше еден од клучните советници на изборниот штаб на Трамп на изборите во 2016 година, а потоа беше негов главен стратег во Белата куќа во текот на 2017 година.

Односите меѓу Бенон и Трамп тогаш се влошија, пред повторно да станат блиски.

Тој не е првиот поранешен службеник на Белата куќа за време на администрацијата на Трамп кој е во затвор поради одбивање да соработува со конгресниот комитет.

Питер Наваро, поранешен трговски советник на Трамп, во март започна да издржува четиримесечна затворска казна откако Врховниот суд исто така го одби неговото барање да биде на слобода до завршувањето на жалбениот процес.

Трамп во 2021 година го помилува Бенон поради федералното обвинение дека ги измамил поддржувачите на поранешниот претседател во рамките на напорите да собере средства за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница.

Бенон се изјасни за невин по државните обвиненија во тој случај и чека судење. ссм/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан