• сабота, 21 декември 2024

ГРАЃАНИТЕ ПОДОБРО ЌЕ СЕ ЗАПОЗНААТ СО РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО ПРЕКУ ПАРЛАМЕНТАРЕН КАРАВАН

ГРАЃАНИТЕ ПОДОБРО ЌЕ СЕ ЗАПОЗНААТ СО РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО ПРЕКУ ПАРЛАМЕНТАРЕН КАРАВАН
Скопје, 26 октомври 2022. Стекнување со знаења за работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми од работата на институцијата, како и средби со пратениците од општините ќе бидат дел од парламентарниот караван. Освен едукативна, активностите имаат за цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на Собранието. Караванот „Собрание за граѓаните“ ќе посети 12 градови низ земјата, додека завршниот настан ќе се одржи во Скопје. Проектот се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“ која што е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарската Амбасада. „Овој караван е еден поинаков начин за приближување на начинот на функционирање на законодавниот дом и на самите пратениците на Собранието на Република Северна Македонија до граѓаните чиј што легитимитет и го уживаат во собраниските клупи. Ова е дополнителна можност за тие граѓани да се запознаат со избраните пратеници од нивните изборни единици во градовите во кои живеат и работат.“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери. Активностите почнаа на 25 октомври, во Штип и потоа продолжуваат според следниот распоред: Кавадарци (26.10), Гевгелија (27.10), Струмица (28.10), Радовиш (31.10), Кочани (1.11), Велес (2.11), Прилеп (3.11), Битола (4.11), Охрид (7.11), Дебар (8.11) и Гостивар (9.11). Караванот ќе биде заокружен со завршен настан којшто е закажан за 12 ноември (сабота), во паркот Жена-борец, со почеток од 11 часот.  „Граѓаните можат да учествуваат во демократијата во Република Северна Македонија не само со гласањето на изборите, туку и преку споделување идеи и прашања што ги загрижуваат со нивните избрани претставници. Законодавните и надзорните улоги на Собранието се посилни кога се слуша гласот на граѓаните и нивните ставови се застапени од страна на пратениците во Собранието“, истакна Роберт Скот Хејзлет, тим-лидер на „Програмата за парламентарна поддршка“. Во текот на караванот, граѓаните ќе имаат можност да се стекнат со знаења на теми како историја на парламентаризмот, процесот на донесување закони, мандат и имунитет на пратениците, односи со другите институции на власта, организација и функционирање, парламентарни избори, како и политичка контрола и надзор над Владата од страна на Собранието. На секоја од локациите каде што ќе се одржува караванот ќе бидат присутни и пратениците од соодветната општина, при што граѓаните ќе имаат можност со нив да воспостават директен контакт и да разменат мислења. Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).   _____________________________________________   MИА - ОТС Комерцијални соопштенија   Напомена: Оригинален текст. За содржината е одговорен нарачателот.      

Остани поврзан