• сабота, 13 април 2024

Граѓаните од Вардарски регион добиваат медиум на заедницата, интернет платформа ,,Локал Актив Вардар" 

Граѓаните од Вардарски регион добиваат медиум на заедницата, интернет платформа ,,Локал Актив Вардар

Кавадарци, 19 февруари 2024 (МИА) - Вардарскиот регион добива интернет платформа за информирање за теми и прашања од локален интерес, што се од исклучителна важност за граѓаните во овој регион. Станува збор за медиум на заедницата,  кој е различен од другите видови медиуми во државата. Целта на овие медиуми е да им се даде видливост на локалните теми и глас на самите граѓани. Ваква платформа веќе цела година функционира во Источниот и Југоисточниот регион, а сега се покренува и во Вардарскиот регион.   

- Се работи за проект за поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење, преку објавување содржини што ќе ги создаваат активисти на граѓанските организации кои се дел на уредништвото на ,,Локал Актив Вардар". Тргнавме од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се многу малку развиени во земјата, но се од огромно значење за слободата на изразување и за демократските процеси на локално ниво, нагласи Игор Мицевски од Институтот РЕСИС, кој ја координира целата иницијатива. 

Тој додаде дека целта на ,,Локал Актив" е да се поттикне вклучувањето на граѓаните од локалните заедници во решавањето на нивните локални проблеми, преку објавување содржини на платформата. Идејата е да се чуе нивниот глас, за да се идентификува проблемот и да се бараат решенија. 

На работилницата за креирање содржини присуствуваа 17 претставници на граѓански организации од Вардарскиот регион кои ќе пишуваат приказни за локални теми, под менторство на професионални новинари. Искусните новинари Весна Коловска како уредничка и Ване Трајков како дел од уредништвото во ,,Локал Актив", ги споделија искуствата од функционирањето на платформата во Источниот и Југоисточниот регион и информираа околу тоа како таа успешна приказна да се преслика и во Вардарскиот регион, во кој спаѓаат девет општини. 

На работилницата беше појаснето и дека платформата ,,Локал Актив" е замислена на тој начин што  активистие на граѓанските организации, алармираат за одредени проблеми со кои се соочуваат различни групи граѓани, пишуваат стории за нив и потоа продолжуваат да спроведуваат активности со цел да се решат тие промени. Финансирањето на проектот е од Националната фондација за демократија (НЕД). свд/дма/


Фото : РЕСИС Институт 

Остани поврзан