• понеделник, 29 април 2024

Граѓаните на Косово и на Албанија граничниот премин Морина ќе го минуваат по забрзана процедура

Граѓаните на Косово и на Албанија граничниот премин Морина ќе го минуваат по забрзана процедура

Тирана, 13 април 2024 (МИА) – Граѓаните на Косово и на Албанија преку граничниот премин Морина ќе минуваат по забрзана процедура, во текот на девет месеци од годината и во празничните викенди. Претходно овој период на олеснето движење важеше во период од четири месеци, во летниот период.

Ревидираниот протокол во Тирана го потпишаа министерот за внатрешни работи Таулант Бала и министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечла.

- Заедно со мојот колега Свечла испишуваме уште една страница во ова ново поглавје на одличните односи меѓу нашите две земји, врз основа на заедничката волја и посветеност меѓу владите на нашите две земји и меѓу двајцата премиери за следење на политиките за олеснување на движењето на граѓаните на граничните премини меѓу Албанија и Косово во насока на целосно олеснување на контролите во спроведувањето на договорот, изјави Бала.

Тој додаде дека со новиот протокол ќе се олеснат процедурите за преминување односно граничната проверка на преминот Морина – Кукс во периодот од 1 мај до 30 септември и 1од ноември до 28 февруари, односно вкупно девет месеци годишно, за разлика од важечкиот протокол кој предвидуваше четири месеци, поточно само од 1 јуни до 30 септември.

- Во овој период на олеснета фреквенција нема да има проверки на пасоши, лични карти за граѓаните, потенцирам за граѓаните на двете наши земји, истакна министерот Бала.

Министерот Свечла изјави дека се прават напори граѓаните да не чувствуваат никакви ограничувања на граничните премини.

- Континуирано ја продлабочуваме соработката, решени сме да направиме повеќе за да им служиме на нашите граѓани што е можно подобро и да бидеме што е можно поефикасни во борбата против криминалот во нашите земји. Ќе напредуваме и со други договори, со цел нашите граѓани во ниту еден момент да не ги почувствуваат ограничувањата, ниту да знаат каде се навистина, туку дека се добредојдени во Косово или во Албанија, во летна или зимска сезона. Со пристапот на нулта бирократија да работиме соработката да биде на највисоки нивоа, посочи Свечла.

Како што информира Бала, во текот на 2023 година за влез преку овој премин, каде неколку години функционираат заеднички контроли, биле регистриран 1.445.204 албански и 4.430.161 странски државјанин, што е двапати повисока бројка споредено со 2021 година. вт/ми/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан