• четврток, 14 ноември 2024

Грашковска: Да се почитуваат мерките и за претстојните празници, ќе се провери дали се прекршени и за прославата од ДУИ

Грашковска: Да се почитуваат мерките и за претстојните празници, ќе се провери дали се прекршени и за прославата од ДУИ
Скопје, 5 јануари 2021 (МИА) - Граѓаните биле совесни за новогодишната ноќ која поминала мирно и безбедно и без многу прекршувања на протоколите за заштита од КОВИД-19.  Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Грашкоска денеска на редовната прес-конференција истакна дека очекува така да биде и за претстојните празници Бадник и Божик, но повторно апелираше до сите граѓани и до стопанствениците да ги почитуваат мерките. -Да празнуваме одговорно, во кругот на семејството, да се воздржиме од прослави и да нема групирања. Надлежните инспекциски служби и во текот на наредните денови ќе спроведуваат интензивни контроли на терен, сè со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, рече Грашковска, која денеска ги презентираше податоците за спроведените контроли од 28 декември до 3 јануари. Во овој период, седумте инспекциски служби извршиле вкупно 5718 надзори и контроли. Таа во одговор на новинарско прашање во однос на палењето бадникарски огнови што традиционално се организираат на 5 јануари навечер, потсети дека е сè уште во сила мерката за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавни простори. За прославата на роденденот на лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во новите простории на Министерството за политички систем, на која членови од врвот на партијата не носеле заштитни маски, Грашковска одговори дека сите инспекторати постапуваат неселективно и така ќе биде и за овој случај. -Надлежната инспекција ќе ги провери наводите дали има одредени прекршувања на протоколите и благовремено дополнително ќе бидете известени за сето она што е констатирано од нивна страна, рече претседателката на Инспекцискиот совет во одговор на новинарско прашање. хс/са/

 

Остани поврзан