• петок, 22 ноември 2024

Градоначалникот Коњановски ќе ги награди битолските пожарникари

Градоначалникот Коњановски ќе ги награди битолските пожарникари

Битола, 18 јули 2024 (МИА) - Градоначалникот Тони Коњановски ќе поднесе иницијатива за доделување награда за вработените во Територијалната противпожарна единица за нивното максимално ангажирање во гаснењето на пожарите и справувањето со огнената стихија во Битола.

Како што е познато големиот пожар што се случи пред неколку денови на ридовите над обиколницата во Битола ги мобилизира сите припадници на ТППЕ Битола, но и други поединци и институции, истакна Коњановски.

-Пожарникарите максимално, деноноќно, беа постојано на терен и работеа напорно за да се стави пожарот под контрола, иако временските прилики воопшто не беа на нивна страна. Со повеќекратни налети на канадерите, испратени како државна помош од страна на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, големиот пожар сепак беше ставен под контрола, но пресудно беше присуството на пожарникарите на теренот, кои продолжија да се борат на нови опожарени локации, заедно со постојана поддршка на јавните претпријатија и граѓаните, кои индивидуално и преку разни здруженија, максимално помогнаа да се стабилизира состојбата, без да имаме катастрофални последици. Посебна благодарност, како градоначалник, морам да упатам на сесрдната поддршка на битолчани, посочи Коњановски најавувајќи ја иницијативата за награда на битолските пожарникари која треба да биде потврдена и од Советот на Општина Битола.

Во соопштение до јавноста, локалната самоуправа се заблагодари на повеќе субјекти кои се вклучија во гаснењето на пожарот, како и до медиумите за постојаното следење на состојбата кои, како што посочуваат, беа будното око над градот, известувајќи за секоја теренска новонастаната состојба. мт/мд/

Фото: Општина Битола

Остани поврзан