• петок, 05 декември 2025

Градоначалникот Андонов на средби со граѓаните за креирање на буџетот за 2026

Градоначалникот Андонов на средби со граѓаните за креирање на буџетот за 2026

Василево, 28 ноември 2025 (МИА)-Градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, ги започна средбите со граѓаните по населените места за планирање и креирање на буџетот на Општина Василево за 2026 година.

Првата средба се одржа во селото Нова Маала, а в понеделник, на 1 декември, планирана е средба со жителите на Радичево. Во среда, на 3 декември, планирана е, пак, средба со жителите на Пиперево.

-Во Општина Василево, процесот на планирање на буџетот е целосно отворен, ги слушаме вашите идеи, предлози и приоритети, затоа што најдобро знаете што е најпотребно во вашата улица, маало и населено место. Нашата цел е секој денар да биде мудро вложен-во инфраструктура, образование, комунални услуги, развој и подобар живот за сите. Одговорноста кон граѓаните е наша највисока обврска. Заедно го градиме Василево модерен, уреден и уште подобар дом за сите, се наведува во пренесената изјава на градоначалникот Андонов.

Во насока на транспарентност и сеопфатна вклученост на граѓаните во планирањето на Буџетот Општина Василево на својата веб страница креираше и посебна алатка за учество на граѓаните во овој процес, преку која сите заинтересирани граѓани можат да ги достават своите предлози и идеи за проекти за наредната година.рт/бк/

Фото: Општина Василево

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан