Горан Зашов во Кочани и Ангел Ангелов во Виница го фатија богојавленскиот крст во Кочанска и Градечка Река
- Триесет и осумгодишниот Горан Зашов од Кочани имаше најмногу среќа меѓу 44 момчиња да го извади светитот крст од водите на Кочанска Река на одбележувањето на празникот Богојавление - Водици.

Кочани, 19 јануари 2025 (МИА) – Триесет и осумгодишниот Горан Зашов од Кочани имаше најмногу среќа меѓу 44 момчиња да го извади светитот крст од водите на Кочанска Река на одбележувањето на празникот Богојавление - Водици.
На чинот на осветувањето, со кој чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејското намесништво, присуствуваа голем број граѓани и верници од општина Кочани.
- Годинава заедно со уште седум мои пријатели учествувавме во фаќањето на крстот. Веќе десет години скокам и по втор пат Господ реши да биде кај мене. Во 2022 година го фатив и сега е повторно имав среќа. Во оваа прилика сакам на сите граѓани, на сите христијански верници да им го честитам празникот Богојавление, нека бидат сите живи и здрави, Бог нека ги благослови, истакна Зашов.
Честитки по повод празникот упати и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, посакувајќи многу здравје и среќа, а на најсреќниот фаќач на крстот од име на Локалната самоуправа му врачи пригоден подарок.
На чинот на потопувањето на светиот крст во Градечка Река присуствуваа голем број граѓани од Виница, а најмногу среќа годинава имаше Ангел Ангелов.
Градоначалникот на Виница, Миле Петков во име на Опшина Виница, на сите православни христијани им го честиташе големиот христијански празник.
-Славејќи го Христовото крштевање ја славиме верата и животот во вера.Со осветување на водите ја укажуваме вековната традиција на зацврстување на верата, но и на меѓусебното почитување и разбирање, толеранција и единство, истакна Петков.
Освен во Виница, празникот Богојавление беше одбележан и во населените места Истибања, Јакимово, Блатец, Лески,.ТрсиноГрадец, Пекљани и Липец. та/дма/
фото: МИА