Годишна изложба на фотографии на членовите на фото група Чкрап!-Тетово
- Фото групата „Чкрап!“ од Тетово со традиционална годишна изложба на своите членови ги претставува пред јавноста дел од фотографиите направени во текот на 2025 година. Во концертната сала на Музеј на тетовски крај (Дом АРМ) од вчера се изложени 50 фотографии на слободна тема и техника на 17 нивни членови. Фотографиите ќе бидат изложени една недела.
Тетово, 20 ноември 2025 (МИА) - Фото групата „Чкрап!“ од Тетово со традиционална годишна изложба на своите членови ги претставува пред јавноста дел од фотографиите направени во текот на 2025 година. Во концертната сала на Музеј на тетовски крај (Дом АРМ) од вчера се изложени 50 фотографии на слободна тема и техника на 17 нивни членови. Фотографиите ќе бидат изложени една недела.

-Фото Групата „Чкрап!“ е вистинско олицетворение на оваа изјава на големиот американски фотограф Елиот Ервит (1928-2023), бидејќи таа љубов кон фотографијата ја докажуваме повеќе од две децении, а годинашнава изложба всушност е само продолжение на една традиција која ние ја негуваме сиве овие години. Тоа е приказна за упорноста, за љубовта кон уметноста и за заедништвото. И токму поради ова слободно може да се каже дека „Чкрап!“ е повеќе од една обична група фотографи, тоа е заедница на пријатели и пријателки кои ја делат истата љубов кон фотографијата, кои не доаѓаат само од Тетово, туку ги има и од други градови од Македонија, па дури и од САД, Чешка, Германија, Холандија и други земји, група во која има возрасни и искусни членови, но и оние кои сега ги прават првите значајни чекори во фотографијата. А тоа што обединува една ваква хетерогена група фотографи е ентузијазмот и вербата дека фотографијата е вредна да се создава и споделува, без оглед на условите бидејќи само така таа може да ја добие вистинската вредност, изјави Зоран Андонов, член на групата.
Сега групата брои вкупно 81 член, а учеството секогаш варира од година до година, од 10 до 25 фотографи по изложба. Дружбата преку фотографии и изложби, е главниот мотив, велат од групата.

-Кога пред 20 години, кон крајот на 2003 година, ние од „Чкрап!“, се впуштивме во авантурата наречена фотографија ни на крај памет не ни беше дека возбудата ќе не држи толку долго, цели дваесет години (а таа трае и понатаму). 20 години се две третини од постоењето на Македонија како самостојна држава. 20 години е една десеттина од постоење на фотографијата од нејзиното постоење до денес. 20 години „Чкрап!“ е убава бројка. Фотографијата е глобален феномен. Во светот дневно се снимаат и дистрибуираат милиони фотографии. Денес секој е фотограф благодарение на паметните телефони опремени со одлични камери. Од нив сигурно има неколку стотици илјади фотографи кои посериозно се занимаваат со фотографија, изјави Драги Неделчевски.
Фотографиите во Музејот на тетовски крај ќе бидат изложени една недела. ас/свс/
фото МИА