• сабота, 27 јули 2024

Над 20.000 просветни работници штрајкуваат во Германија

Над 20.000 просветни работници штрајкуваат во Германија

Берлин, 28 ноември 2023 (МИА) - Во Германија денеска штрајкуваа над 20.000 просветни работници во јавниот сектор, соопшти Синдикатот за образование и наука.

„Доколку работодавачот конечно не реагира и не почне правично да ги плаќа вработените во јавниот сектор, кризата со недостиг на професионална работна сила дополнително ќе се продлабочи“, рече претседателката на Синдикатот, Дорин Зиберник на централниот собир во Лајпциг, каде се собраа околу 7.000 просветни работници.

Освен во Лајпциг, најголеми собири се одржаа и во Берлин, Хамбург и Карлсруе, каде на улиците излегоа илјадници вработени во училишта, факултети, градинки и канцеларии за млади.

Зиберник објасни дека просветните работници и работниците во образовните институции се особено погодени од недостигот на работна сила, поради што многу работни места во секторот остануваат непополнети.

Синдикатите бараат од работодавачите, односно од градовите и општините, зголемување на платите за 10,5 отсто или најмалку 500 евра повеќе месечно. Дополнително, бараат и постојан договор за студенти кои пред завршувањето на студиите работат во образованието.

Нов круг преговори меѓу синдикатите и работодавачите ќе се одржи идната недела. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан