• четврток, 30 јануари 2025

Германија ја заостри политиката за мигрантите

Германија ја заостри политиката за мигрантите

Берлин, 29 јануари 2025 (МИА) – Германија во иднина масовно ќе ги враќа мигрантите и барателите на азил од своите граници, откако Бундестагот со тесно мнозинство денеска го изгласа предлогот на опозициските конзервативци ЦДУ-ЦСУ, за заострување на политиката, јави Дојче Веле.

Парламентот усвои предлог со пет точки, кој, меѓу другото, бара трајни гранични контроли, враќање на барателите на азил и притворање на странци кои имаат обврска да ја напуштат земјата.

За првпат за еден предлог на конзервативците гласаше и десно-радикалната АфД, а „за“ беа и пратениците на Либералите. Против гласаа Социјалдемократите (СПД), Зелените и Левицата.

Вториот предлог од истата партија, кој вклучуваше посеопфатни реформи, и уште поостри критериуми, не ја доби потребната поддршка.

Со усвоениот предлог се нагласува дека „на луѓе без валидни документи за влез, кои не спаѓаат под европската слобода на движење, треба да им се забрани фактичкиот влез во земјата“. Ова важи и за оние кои сакаат да поднесат барање за азил во Германија. Лицата кои добиле одлука за депортација од земјата во иднина треба да бидат ставени во притвор.

Понатаму, предложено е да се зголеми улогата на сојузната полиција во процесот на депортација. Осудени криминалци и лица кои претставуваат безбедносна закана треба да останат во притвор на неопределено време додека не заминат доброволно или не бидат депортирани. Исто така, се бараат постојани гранични контроли, кои веќе се спроведуваат неколку месеци според наредбата на сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер (СПД).

Директен повод за предлозите за заострување на миграциската политика беше последното убиство во градот Ашафенбург, каде што 28-годишен Авганистанец со психички проблеми усмрти двегодишно дете со мароканско потекло и маж кој се обиде да ги заштити децата. Во нападот беа тешко повредени уште неколку лица, меѓу кои и двегодишно девојче од сириско потекло. Осомничениот, кој бил со обврска за депортација, е сместен во психијатриска установа. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан