• петок, 22 ноември 2024

Герасимовски: 20 посто зеленило во градежна парцела и задолжителен паркинг за станарите

Герасимовски: 20 посто зеленило во градежна парцела и задолжителен паркинг за станарите
Скопје, 9 октомври 2021 (МИА) - Општина Центар ќе се спротивстави на бетонизацијата и ќе стане зелена општина, општина која ќе се грижи за зачувување на животната средина и квалитетот на воздухот, изјави Горан Герасимовски кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата. - Општина Центар е прва општина која воведе обврска за 20 проценти зеленило во градежна парцела и обезбедување задолжителни паркинг места за станарите. Ние се грижиме за зеленилото и квалитетот на воздухот. Затоа воведуваме пракса на едно исечено две нови дрва и катастар за стари исушени дрва. Следните четири години ќе субвенционираме енергетско-ефикасни фасади со што стимулираме еколошко греење. Ќе стимулираме и поставување на фотоволтаични панели на покривите на јавните објекти и инвестирање во алтернативни извори на енергија. Предвидовме и субвенции за електрични тротинети и велосипеди кои ќе им одат во прилог на граѓаните бидејќи планираме затворање на сообраќајот на „Боемска 2“ во вечерните часови. Намерата ни е центарци се повеќе да практикуваат да ги оставаат возилата дома, изјави Герасимовски. Тој најави и воведување на „маалски патроли“ кои ќе се грижат за зеленилото и урбаната опрема како и дополнување со комунална дејност кај ЈП „ПОЦ“. За поголема хигиена на улиците Герасимовски најави и модернизација, доопремување и зголемување на бројот на вработените како и набавка на цистерни за миење на улиците со кои поинтензивно ќе се чистат улиците. Герасимовски за Дебар Маало најави ново шеталиште и нов парк, а за засадувањето на 12-те јавори на местото на исечените на ул. „Орце Николов“ рече дека ќе стане практика. Герасимовски повика на излезност на гласање за бројот 12 и зелен Центар и здрава животна средина. мс/бк/

Остани поврзан