• сабота, 14 јуни 2025

Герасимовски: Во Центар сигурно победуваме, пример сме за успешно работење на локална самоуправа

Герасимовски: Во Центар сигурно победуваме, пример сме за успешно работење на локална самоуправа

Скопје, 10 јуни 2025 (МИА) - Актуелниот градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, е убеден дека по втор пат ќе ја добие довербата на центарци, заради сработеното, отвореноста и транспарентноста во функционирањето, но и многуте планови од интерес на граѓаните за поубав Центар.

На денешната средба со новинарите, Герасимовски посочи дека во изминатиот период општината, раководена од него, работела и работи транспарентно и отворено, и секогаш е достапна за граѓаните.

-Советот на општината и јас како градоначалник, сме пример за работење на локална самоуправа на територија на државата, ние сме меѓу малкуте општини каде што претседателот на Советот доаѓа од друга политичка партија и одлично функционира изминатите три ипол години. Се прифаќаат предлози од сите советнички групи, без разлика на нивната политичка партија. Тоа што е издржано, тоа што е во интерес на граѓаните и за тоа што имаат финансиска поддршка, секогаш се прифаќа и од моја страна и од страна на советниците, рече Герасимовски, нагласувајќи дека политиката е комплетно тргната настрана од работењето на Општината.

И затоа, според него, сработеното од него и од неговиот тим, дава право да се кандидира како градоначалник за втор мандат и секако, вели, да се добие локалната изборна трка.

Тој најави дека во неговиот следниот мандат еден од приоритетните проекти ќе биде изградба на нова современа општинска зграда.

-Недозволиво е во Центар администрацијата да работи во вакви лоши услови како сега, рече на средбата со новинарите градоначалникот на Герасимовски.

Тој додаде дека конечно на повидок е решавање на овој децениски проблем. Општината го добила земјиштето во владение, на конкурсот имало одлични идејни решенија, а сега, вели, на ред е изготвување проект, со кој ќе се аплицира на јавните повици на Владата.

-Особено внимание ќе посветиме на зеленилото, кое се наоѓа во парцелата на Општината. До крајот на мандатот сакам да го реализираме проектот, за да бидеме подготвени да аплицираме за подземно паркирање и да ги искористиме средствата. Следниот мој мандат почнуваме со реализирање на проектот – нова општинска зграда, истакна на новинарско прашање градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски кој ќе трча за втор мандат во Општина Центар, посочи дека нема да се оди повисоко од околните згради, не повеќе од четири до пет ката.

-Новата општинска зграда ќе има доволно место за подземен паркинг, сала на Советот, а и невладините ќе добијат катче за работа, кажа градоначалникот Герасимовски.

Тој на средбата го промовираше караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ кој отпочнува од денеска од населбата Капишец, а ќе трае до 4-ти јули. Целта на овој караван рече, е граѓаните да се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три ипол години, но исто така жителите на Општината ќе можат да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.

-Караванот почнува денеска и ќе трае до 4-ти јули. Заедно со граѓаните ќе креираме политики и идеи и ќе ги реализираме. Самиот караван почнува од населбата Капиштец, од детското игралиште кај Зебра. Со општинските служби ќе бидеме заедно со граѓаните и ги слушаме сите нивни предлози и идеи, она што го правиме во текот на годините преку буџетските форуми, истражувањата, анкетите. Нашата цел е да ги слушнеме центарци за нивните предлози и идеи. Се гледаме вечер во маало, повика Герасимовски. вг/сст/

Фото: МИА

Остани поврзан