• петок, 05 декември 2025

Герапетритис: За консолидација на стабилноста и безбедноста во ЈИ Европа, неопходно е проширување на ЕУ со Западен Балкан

Герапетритис: За консолидација на стабилноста и безбедноста во ЈИ Европа, неопходно е проширување на ЕУ со Западен Балкан

Атина, 3 јуни 2025 (МИА) – За консолидација на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа, неопходно е проширување на Европската Унија со интеграција на Западен Балкан во европското семејство. Оставајќи ги зад себе балканските национализми и факторите на регресија и дестабилизација, порача шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис по средбата со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повтори дека Грција „беше земја која ја забрза интеграцијата на Западен Балкан со Солунската агенда во 2003 година и останува посветена на оваа цел“.

Дополнително посочи дека за европската перспектива на Албанија, Грција „даде согласност“ за почеток на пристапните преговори со ЕУ „оценувајќи го напредокот што е постигнат во поединечните поглавја“.

Герапетритис истакна и дека светот се менува со брзо темпо, а „мултилатералната дипломатија многупати стои беспомошна пред случувањата што честопати ја надминуваат“.

- Во овие услови, развојот на регионалните соработки, особено меѓу нашите соседни земји, добива огромно значење за консолидација на стабилноста и просперитетот во нашиот регион. Сенките што ги потресоа односите меѓу нашите две земји мора да исчезнат и да не се повторат. Мора да гледаме кон иднината со позитивен поглед, врз основа на потребната посветеност на меѓународното право и секогаш барајќи пријателски и добрососедски односи, посочи Герпетритис осврнувајќи се на билатералните односи со Албанија.

Шефот на албанската дипломатија нагласи дека со неговиот домаќин ја потврдиле „заедничката заложба за зајакнување на билатералните односи во духот на пријателството и меѓусебното почитување“.

- Овие односи се базираат на нашите стратешки интереси, на партнерските односи во НАТО и во перспективата за обединета Европа. Разговаравме детално за процесот на интеграција на Албанија во Европската Унија, што е приоритет на Албанија, посочи Хасани.

Го спомена и неодамнешниот Самит во Тирана за кој рече дека ја зајакна улогата на Албанија и „Самит што покажа дека Албанија е земја што придонесува за зајакнување на единството, безбедноста и стабилноста на континентот“.

Двајцата министри разговарале за билатералната соработка, за економијата, за меѓународните случувања, за грчкото малцинство во Албанија и албанската заедница во Грција, за кои посочија дека се мост меѓу двете земји. ср/ссм/

Фото: МИА

Остани поврзан