Галант побара од Нетанјаху да склучи примирје со Хамас за ослободување на преостанатите заложници
- Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да склучи договор за примирје со палестинската група Хамас за ослободување на преостанатите заложници кои се уште се држат заробени во Газа, откако беа најдени телата на шест убиени заложници во Појасот Газа.
Ерусалим, 1 септември 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да склучи договор за примирје со палестинската група Хамас за ослободување на преостанатите заложници кои се уште се држат заробени во Газа, откако беа најдени телата на шест убиени заложници во Појасот Газа.
- Доцна е за киднапираните кои беа ладнокрвно убиени. Киднапираните кои остануваат заробени на Хамас мора да бидат вратени дома, објави Галант на социјалната мрежа X.
Тој побара Советот за национална безбедност веднаш да се состане и да ја повлече одлуката за задржување на израелските војници во таканаречениот коридор Филаделфија, долж јужната граница на Појасот Газа. Инсистирањето на Нетанјаху да ги задржи војниците во коридорот за да го спречи Хамас да шверцува оружје од Египет се смета за една од главните пречки за успехот на разговорите што се водат со посредство на Египет и Катар.
Галант досега повеќепати влегуваше во конфликт со Нетанјаху и екстремните религиозни националистички министри околу потребата да се постигне договор за прекин на борбите во Газа и враќање на преостанатите израелски заложници во замена за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.
Се верува дека една третина од околу 100-те израелски и странски заложници кои сè уште се во Газа, веќе не се живи, а судбината на преостанатите е непозната.са/
Фото: ЕПА