В.д. директорот на Албанскиот ансамбл, Шкељким Јахи ќе распише конкурс за одново вработување на 33-цата уметници за кои не беше спроведена реаудиција
- Директорот на Албанскиот ансамбл за народни игри и ора, Шкодран Толај кој вчера беше разрешен, не спровел реаудиција на 33 уметници од Ансамблот кои биле вработени пет години, иако според Законот за култура аудиција треба да се спроведува на секои три години. Утврдено е и дека ненаменски се потрошени 177 000 денари за проектот „Балканка турнеја“ во 2023 година. Јахи не доставил и шестмесечен извештај за своето работење за второто полугодие од 2023 година, а бил должен тоа да го стори според Законот за култура, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информирајќи што констатирал инспекцискиот надзор.
Скопје, 12 септември 2024 (МИА) - Директорот на Албанскиот ансамбл за народни игри и ора, Шкодран Толај кој вчера беше разрешен, не спровел реаудиција на 33-ца уметници од Ансамблот кои биле вработени пет години, иако според Законот за култура аудиција треба да се спроведува на секои три години. Утврдено е и дека ненаменски се потрошени 177 000 денари за проектот „Балканка турнеја“ во 2023 година. Јахи не доставил и шестмесечен извештај за своето работење за второто полугодие од 2023 година, а бил должен тоа да го стори според Законот за култура, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информирајќи што констатирал инспекцискиот надзор.
Според Љутков, сега за в.д. директор е назначен Шкељким Јахи кој е од редот на вработените во Ансамблот и тој ќе распише конкурс за одново вработување на 33-цата уметници.
-Јас добивав информации за Ансамблот. Сфативме дека таму ситуацијата не е добра, а тоа резултираше и со отпуштањето на 33-та вработени. Направена е голема штета врз културата во Македонија. Вендаш испративме инспекција. Како што кажав и во претходните изјави, таа траеше повеќе од десетина дена. Сега имаме назначено нов в.д. директор. Тој нов директор ќе распише сега повторно конкурс за одново вработување на тие 33-ца уметници. Се надевам дека во наредниов период, за околу месец дена, тие луѓе ќе бидат повторно вработени, а подоцна ќе ги внесеме и во Законот што ќе ги вклучи и останатите 166 на кои им истекува работниот стаж на исто овој начин и ќе добијат трајно вработување во текот на оваа година, објасни министерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Националниот конзерваторски центар.
Како што дополни Љутков, инспекторите сега увиделе и дека Толај ненаменски трошел пари.
-Инспекторите сега го увиделе тоа. Има нов в.д. директор и тој ќе си постапува и по однос на направената инспекција, а понатаму, како директор, ќе си ги преземе и сите потребни активности за расчистување на целиот случај, потенцира Љутков. мч/нд/
фото/видео: МИА