Вучиќ со Ковачевски: Односите на Србија и Северна Македонија најдобри во современата историја
- Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со кого, како што наведе, се согласиле дека односите меѓу двете земји се најдобри во современата историја.
Белград, 31 март 2023 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со кого, како што наведе, се согласиле дека односите меѓу двете земји се најдобри во современата историја.
-Се согласивме дека односите меѓу Република Србија и Република Северна Македонија се најдобри во современата историја. Продолжуваме да работиме заедно за доброто на нашите народи, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа направи прошетка со премиерот Димитар Ковачевски на новоизградениот комплекс „Белград на вода“.
-Велат дека при добра прошетка ги смислувате најдобрите планови и го имате најпријатниот разговор, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил заедно со фотографиите од прошетката со Дмитри Ковачевски и премиерката Ана Брнабиќ.
„Додека со гордост му покажувам на мојот пријател Димитар Ковачевски колку многу е изграден Белград, разменувам мислења за проширувањето на иницијативата Отворен Балкан, патот кон ЕУ на нашиот регион, позицијата и перспективата на Западен Балкан на геополитичката карта на Европа и светот, но и за плановите за претстојните состаноци и нови проекти за поврзување, напиша Вучиќ. об/аа/