• недела, 22 декември 2024

Вучиќ испрати писма до европските лидери по повод евентуалниот прием на Косово во Советот на Европа

Вучиќ испрати писма до европските лидери по повод евентуалниот прием на Косово во Советот на Европа

Белград, 12 април 2024 (МИА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска испрати писма до сите европски лидери по повод евентуалното членство на Косово во Совет на Европа, изјави српскиот министер за финансии Синиша Мали во интервју за српската телевизија „Хепи“.

- Србија сè ќе направи за да не дојде до членство … Првиот предизвик за нас е Советот на Европа и битката што ни претстои, посочи Мали.

Тој додаде дека врз Србија се врши притисок „поголем од кога било“.

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се очекува на 16 април да гласа за прием на Косово, чија независност не ја признава Србија. Конечната одлука ќе биде донесена на состанокот на Комитетот на министри на 16 мај.

На 5 април, на барање на српскиот претседател, беше формирана Работна група за координација на активностите на државните власти која ќе работи на планот „да се спречи приемот на Косово во Советот на Европа“.

Во мај 2022 година, Косово поднесе барање за членство во Советот на Европа, а на 27 март годинава Комитетот за политички прашања на ПССЕ го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.

Србија е членка на Советот на Европа од 2003 година. Белград не ја признава прогласената независност на нејзиниот поранешен регион во 2008 година. Белград и Приштина водат дијалог за нормализирање на односите со посредство на ЕУ. Меѓу земјите кои не ја признаваат независноста на Косово се Кина, Индија и пет земји од ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан