• вторник, 14 јануари 2025

Вучевиќ на 100 дена Влада на Србија со порака дека тоа е влада на континуитет

Вучевиќ на 100 дена Влада на Србија со порака дека тоа е влада на континуитет

Белград, 9 август 2024 (МИА) - Премиерот Милош Вучевиќ на денешното одбележување на 100-те дена на Владата рече дека тоа е Влада на континуитет, од промената во 2012 година, и преку две влади на Александар Вучиќ и три влади на Ана Брнабиќ до денеска и порача дека општата благосостојба на граѓаните е цел на оваа Влада, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој оцени дека Србите и сите граѓани на Србија се горди на своето минато и решени да го задржат својот идентитет, но и да живеат во мир со сите во регионот.

Според него позицијата на Србија во светот денес е стабилна и почитувана, најмногу благодарение на способноста да се зачуваат традиционални вредности, а во исто време и да се модернизира како општество и држава. Вучевиќ во својот отчет рече дека општата благосостојба е цел на оваа Влада.

-Сакаме секој граѓанин да живее добро, да може да работи и на тој начин да придонесе за развојот на нашата земја и квалитетот на својот живот. Србија е силна поради својот народ и нашата посветеност на образованието и развојот, пред сè, човечките ресурси кои гарантираат сигурна и посветла иднина за сите нас, заклучи српскиот премиер.

Како што кажа инвестирањето во српската војска е исклучиво заради мирот.

-Силната армија е најголемиот гарант за мирот во овој регион, рече Вучевиќ. Говорејќи за безбедноста на Србија, тој најави носење на законот за системот 112, што значи дека секој, без разлика на оператор или роаминг, со јавување на тој број ќе може да добие најбрза помош, особено кога станува збор за итни ситуации.

Вучевиќ рече дека очекува донесување на нов закон кој ќе овозможи повисоки родителски додатоци.

-За прво дете предвидовме еднократна исплата од 500.000 динари, за второ 600.000 динари на 24 рати, за трето дете 2,28 милиони динари на 120 рати, а за четврто дете 3,18 милиони динари на 120 рати, рече Вучевиќ.

Тој изјави дека бруто домашниот производ во првиот квартал годинава изнесува 4,7 отсто, а во вториот 4,2 отсто, што дава „простор за умерен оптимизам“.

Тој кажа и дека во мај просечната плата била 855 евра, а желбата на Владата е до крајот на годината таа да биде 927 евра. Вучевиќ рече дека верува оти Србија ќе има економска сила и стабилност да ги зголеми и пензиите.

Зборувајќи за заштитата на животната средина, тој порача дека нема безбедност без заштита на она што не опкружува. об/

Остани поврзан