• сабота, 27 април 2024

Втора работилница во рамки на проектот за јакнење капацитети за Архуската конвенција во Делчево

Втора работилница во рамки на проектот за јакнење капацитети за Архуската конвенција во Делчево

Делчево, 13 октомври 2023 (МИА) - Регионалниот центар за застапување Делчево денеска ја одржува втората работилница во рамки на проектот за јакнење капацитети за Архуската конвенција и за нејзините вредности за претставници од општините во регионот, локалните институции и граѓанските организации. 

Во рамки на проектот, денес претставник од Архус Центарот во Скопје спроведува еднодневна обука на тема „Учество на јавноста во донесување одлуки од областа на животната средина и пристап до правда за прашања од областа на животната средина“. 

Родне Деолска од Здружението Регионален центар за застапување информираше дека ова е проект со кој се продолжува залагањето на здружението за јакнење на капацитетите на администрацијата и граѓанскиот сектор од целиот регионот на тема Архуска конвенција.

- Граѓаните прво треба да си ги знаат своите права поврзани со животната средина исто како што треба да ги знаат и своите обврски, етички и законски. Потоа, треба да знаат дека секоја институција во Македонија има задолжено лице за слободен пристап до информации за што треба да го знаат процесот на барање и добивање информација која им треба и им е важна. Ова е можност која ја имаат и треба да ја искористат секоја можност да се вклучат во јавни расправи и процеси на носење одлуки. Ова се работи кои во делот за животна средина ги регулира Архуската конвенција, истакна Деолска.

Претходната обука, како што додаде, беше за слободен пристап до информации од јавен карактер.

-Ние на оваа обука денеска конкретно зборувавме за двата столба на конвенцијата, пристап до правда и учество на јавноста во процесот на донесување одлуки. Освен овие обуки за јакнење на капацитети  во завршна фаза е истражувањето со прашања од јавен караткер до општините од регионот за тоа колку стратешки документи се донесени во последните четири години,  на колку и кои документи е направена стратешка оценка на влијанието на животната средина SEA и EIA, дали имало партиципативно учество на граѓаните при изработка на документите и за колку и кои проекти се направени елаборати за влијание на животната средина, додаде Деолска.

Пред неколку години на оваа тема беа обучени околу 80 лица од Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица.

Проектот за јакнење капацитети за Архуската конвенција се спроведува со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање. вс/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан