• вторник, 24 декември 2024

Временските услови оптимални за есенска сеидба

Временските услови оптимални за есенска сеидба

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Временските услови кои изминатите денови беа со периоди на сончево и релативно топло време, а на одделни места и со повремени врнежи од дожд и слаб до умерен ветeр, се оптимални за есенската сеидба кај поледелските култури, велат агрометеоролозите од УХМР.

Според нив, од голема важност е да се запази рокот за сеење.

-Во тек е садењето на оделни градинарски култури, како и собирањето на преостанатите градинарски култури. Во винарството, виновата лоза е во фаза на подготовка за зимски одмор. Ова фаза почнува по полната зрелост, а завршува до опаѓањето на листовите. До опаѓањето, листовите се уште продолжуваат со својата фотосинтетска активност. Се случуваат и други физиолошки процеси во растението кои се насочени во складирање на резервни хранливи материи кои ќе бидат потребни за следната вегетација, созревање на ластарите, диференцирање на окцата и приготвување на зимски период за мирување. Кај овошните насади, кај некои доцни сорти, бербата се уште се изведува. Се препорачува да се применуваат правилни агротехнички мерки, снабдување на културите со потребните количества на хранливи материи со што се зголемува отпорноста кон зимски мразеви, како и примена на сертифициран семенски материјал со добри квалитетни сортни карактеристики што одговара на стандардите, истакнуваат агрометеоролозите.

Најдобро е, нагласуваат, да се земе семе од реонирани и селекционирани сорти со добра здравствена состојба и да се употребува квалитетно ѓубриво.

-Доколку временските услови дозволуваат, треба да се продолжи и со другите агротехнички мерки, додаваат агрометеоролозите од УХМР. мч/аа/

фото: МИА архива

Остани поврзан