Вработувањето на специјализантите во Кумановската болница ќе придонесе за поефикасна здравствена грижа за пациентите од североистокот
- Поефикасна и навремена здравствена заштита ќе добијат пациентите од североисточниот регион со вработувањето на 24-те специјализанти во Кумановската општа болница, посочија на денешната прес-конференција надлежните од здравствената установа. Вработени се по двајца специјализанти на интерно одделение, на урологија, психијатрија, ортопедија, дерматовенерологија, педијатрија, по еден специјализант на хирургија, гастроентерохепатолог, ендокринолог, пулмолог, еден на пластична и реконструктивна хирургија, оториноларинголог, офталмолог. Министерството за здравство одобри вработување на 28 специјализанти што е најголема бројка во државата.
Куманово, 11 јуни 2025 (МИА) - Поефикасна и навремена здравствена заштита ќе добијат пациентите од североисточниот регион со вработувањето на 24-те специјализанти во Кумановската општа болница, посочија на денешната прес-конференција надлежните од здравствената установа. Вработени се по двајца специјализанти на интерно одделение, на урологија, психијатрија, ортопедија, дерматовенерологија, педијатрија, по еден специјализант на хирургија, гастроентерохепатолог, ендокринолог, пулмолог, еден на пластична и реконструктивна хирургија, оториноларинголог, офталмолог. Министерството за здравство одобри вработување на 28 специјализанти што е најголема бројка во државата.
- Се надеваме дека ќе го намалиме недостатокот на кадар, ќе пружиме соодветна здравствена заштита. На конкурсот не се пријави специјализант по анестезиологија, еден од психијатрија се откажа и не се пријавија по еден офталмолог и дерматовенеролог. За овие четири места повторно ќе биде распишан конкурс. И да напомнам за специјалисти-анестезиолози конкурсот е отворен 365 дена во годината, изјави директорот на установата Сашо Стошевски.

Проблемот со недостиг од анестезиолози засега се решава со ангажирање на специјалисти од „8 Септември“, од ГАК, КАРИЛ … Но, за установата ова не е трајно решение, затоа бараат поддршка од здравствените власти за надминување на проблемот. Родилките од Куманово се носат на ГАК.
- Во Македонија во сите градови од внатрешноста има недостаток на анестезиолози. За да имате анестезиолог потребни се седум до осум години. Не обвинувам никого, но проблемот требало да почне да се решава пред осум-девет години. Стратешката политика на установата донесена во 90-тите треба да се почитува. Апелирам до наредните менаџери и по мене да се придржуваат на стратешкиот план како едноставно патека на движење значи тука нема политика, нема сентименталност, тоа е стратешки план лично, сметам дека треба да има законска измена и да се наложи на лекарите да дежураат во здравствени установи онаму каде што има потреба, а да не се сведува на добра волја и проценка на докторите, изјави Стошевски.
Наскоро ќе се воведат дежурства на дерматологија, на физикална терапија и на други оддели, така што кумановци и пациентите од регионот ќе можат да кажуваат и термини во попладневните часови.

Болницата доставила и барање за вработување на 60 медицински сестри, акушерки, физиотерапевти, болничари, возачи и друг персонал до претходниот министер за здравство. Изминатава година во пензија заминале 110 вработени од установата. Општа болница Куманово покрива територија во североисточниот регион во земјава со шест општини. ам/мд/
Фото: МИА