Во Штип се поставуваат два пешачки мостови
- Два нови пешачки мостови денеска почнаа да се поставуваат во Штип. Едниот е кај Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“, а вториот кај пешачката патека во Ново Село.
Штип, 23 ноември 2024 (МИА) - Два нови пешачки мостови денеска почнаа да се поставуваат во Штип. Едниот е кај Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“, а вториот кај пешачката патека во Ново Село. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска за МИА изјави дека пешачките мостови се поставуваат за поголема безбедност на учениците, како и за граѓаните кои секојдневно рекреираат на патеката покрај реката Брегалница.
- Целта на едниот е да го олесни преминот од училиштето до спротивната страна, откако на мостот веќе не е само во еден правец, туку и во двете насоки, а на другиот пешаците и рекреативците да преминат на другата страна покрај кејот на река Брегалница, кај Ново Село. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 1.762.720 денари, вели Јорданов.
Тој најави дека небезбедниот дел на регионалниот пат во клисурата кај Ново Село ќе се реши со поставување на пешачка конзола во должина од 200 метри, со што пешаците ќе можат да се движат кон Градските гробишта или кон бањата Кежовица. вдј/ир/
Фото: МИА