• петок, 22 ноември 2024

Во Штип национален натпревар „Прва лего лига“

Во Штип национален натпревар „Прва лего лига“

Штип, 1 април 2023 (МИА) - Почна националниот натревар „Прва лего лига“ што се одржува денеска во Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.Тимовите од Кочани, Скопје и Тетово работат на денешните глобални предизвици поврзани со целите на одржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите. Гордан Анастасов директор на „Прва лего лига“ вели дека петта година по ред  настанот е во организација на Академијата за роботика и иновации, а ко-организатор е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

-Чест ми е што оваа година имаме некој мал јубилеј, петта година како во нашата држава се одржува ова натпреварување. Ова повеќе е дружба и начин на живеење на учениците преку Лего лигата. Оваа година имаме осум екипи. Знаете дека сите ние правиме една многу благородна работа за нашите ученици и затоа се надеваме дека нашето FIRST LEGO лига (ФЛЛ) семејство од година во година ќе расте и ќе живеат ФЛЛ вредностите, вели Анастасов.

Универзитетскиот професор на Факултетот по информатика на УГД-Штип, Александра Милева  вели дека овој натревар на учесниците им овозможува стекнување вештини и способности неопходни за живот на 21. век, додека  креативноста и критичкото размислување се главните цели на овој натпревар. Натпреварот е за деца од 9 до 16 години, кои се натпреваруваат тимски.

-Овој натпревар е значаен затоа што прво ги развиваат своите технолошки вештини, учат како да изградат робот, како да го испрограмираат, да се натпреваруваат со робот, учат како да истражуваат на некоја тема, некој проблем, да решаваат проблеми. Се учат како да го презентираат тој проблем пред експерти поврзани со тој проблем, но најважно е дека ги градат своите основни вредности, учат како тимски да работат, како да го ценат своето време и времето на другите, како да другаруваат меѓу себе, да си помагаат, рече Милева. Учесниците на овој натпревар велат дека за вакво нешто треба многу истражување и подготовка, што, пак, за нив бил многу интересен процес. Посочија дека активноста е начин да се научи нешто, но и забава. Тимот кој на националниот натпревар ќе освои најдобри резултати ќе ја претставува земјава на Светското првенство кое годинава ќе се одржи во Мароко, од 18 до 21 мај. вдј/мч/

Фото МИА 

Остани поврзан