• среда, 20 ноември 2024

Во Штип средно образование завршуваат вкупно 548 матуранти

Во Штип средно образование завршуваат вкупно 548 матуранти

Штип, 16 мај 2023 (МИА) - Во четирите штипски средни училишта годинава 548 ученици ќе го завршат средното образование. Снежана Санева раководител на Секторот за образование во Општина Штип вели најмногу матуранти се од училиштето „Коле Нехтенин“, над 200, а најмалку, само 15, во текстилното училиште „Димитар Мирасчиев“.

-Годинава во општина Штип имаме вкупно 548 матуранти од сите четири средни општински училишта и тоа од Гимназијата се 144, од Медицинското училиште се 182 ученика, од училиштето „Коле Нехтенин“ имаме 207 ученика и од Текстилното училиште имаме 15 ученика, вели Санева.

Посочува дека матурантите ќе ја полагаат и државната матура во утврдените термини откако ДИЦ го стави во мирување штрајкот за повисоки плати. На 27 мај ќе го полагаат првиот екстерен предмет, кој е задолжителен, а на 10 јуни е закажан тестот од вториот екстерен испит, за кој матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмета.

-Според официјалните информации, колку што знаеме, ДИЦ штрајкот го има ставено во мирување, така што веројатно очекуваме да започне полагањето на матурата на датумот којшто беше претходно најавен, а тоа е 27 мај кога ќе започне полагањето на матура по предметот Македонски јазик. Останатите предмети дополнително ќе бидат полагани во наредниот период, најверојатно, во месец јуни, рече Санева.

Посочува дека годинава за првпат матурантите од СОУ „Коле Нехтенин“ ќе продефилираат низ центарот на градот, што ќе биде навраќање на постарите времиња. Засега е невозможно сите училишта да се приклучат на ваквиот настан во ист ден.

-Новината оваа година е тоа што на 18 мај најпрво училиштето „Коле Нехтенин“ ќе започне со едно дефиле коешто ќе се одвива пред самата прослава и тоа на потегот од Плоштадот до Хотелот „Оаза“, каде што ќе биде и матурската прослава. Ова е убава прилика граѓаните коишто сакаат да ги видат матурантите да излезат во тој период да ги видат матурантите и да се потсетиме на едни постари времиња кога се правеа токму такви настани, односно дефиле на сите матуранти, кога граѓаните ги поздравуваа, се радуваа и славеа заедно со матурантите, рече Санева.

Сите средни училишта како и вообичаено ќе имаат и матурска прослава. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан