• петок, 27 декември 2024

Во Струмица промовиран прирачник „Како до заштита и безбедност на жртвите на семејно насилство“

Во Струмица промовиран прирачник „Како до заштита и безбедност на жртвите на семејно насилство“

Струмица, 20 февруари 2024 (МИА) - Прирачникот „Како до заштита и безбедност на жртвите на семејно насилство“, кој го подготвија авторките Стојне Митева, Катерина Дафчева и Сузана Мицева од Здружението „Скај плус“ од Струмица вечерва беше промовиран во Струмица.

Како што беше истакнато на промоцијата, прирачникот е модел за соработка на „Скај плус“ со Општина Струмица, бизнис заедницата и Струмичката епархија на МПЦ-ОА, но е и модел и за други општини кои се уште немаат Шелтер центар за згрижување на жртвите на семејно насилство.

Според Стојне Митева, низ Шелтер центарот во Струмица годишно поминуваат околу триесет жртви и тоа не само од Струмица, туку и од други градови во државата.

-Сите центри за социјални работи ги имаат нашите телефонски броеви и секоја жртва која има потреба од сместување и згрижување доаѓа кај нас. Со прирачникот им овозможуваме и на други општини да работат по нашиот пример и Општина Гостивар веќе отпочна процес за почнување со работа на Шелтер центар. Има најави и од Општина Охрид дека ќе работи по нашиот пример и затоа сме задоволни, бидејќи и покрај сите затворени уши некој слуша дека „Скај плус“ работи и згрижуваме жртви на семејно насилство, изјави Митева.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека Општината е единствена во државата која го третира овој проблем и тоа значи многу во однос на социјалната правда.

-Додавањето на дополнителни социјални услуги од кои граѓаните имаат потреба од нивно користење е дефинитивно нешто што ја става Струмица на пиедестал на заокружување на социјалната правда и секако пример кој треба да го следат, рече Костадинов.

Тој најави дека во финална фаза на реализација е проектот „Куќа за отворено домување“, со кој треба да се заокружи овој процес со кој ќе им се овозможи на жртвите на семејно насилство да бидат згрижени таму подолг период. рт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан