• недела, 22 декември 2024

Во Скопје се одржа работилница за подобрување на правосудниот одговор на фемицид

Во Скопје се одржа работилница за подобрување на правосудниот одговор на фемицид

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Во организација на AIRE центарот и Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, во Скопје се одржа работилница за подобрување на правосудниот одговор на фемициди.

На работилницата, што се одржа како дел од 16 дена активизам против родово-базирано насилство,  учествуваа преку 50 судии и јавни обвинители.

Како што соопшти Академијата за судии и јавни обвинители, на работилницата бил презентиран Прирачникот за правосудството „Постапување во случаи на фемицид“, што дава насоки за правна квалификација на кривични дела и препораки за најдобри практики при оценување на отежнувачки и олеснувачки околности.

-Истражувањето спроведено од AIRE центарот и други организации покажа дека жените кои се обиделе да ги остават нивните насилни партнери често се изложени на најголем ризик од фемицид. Исто така, нашето истражување покажа дека најнебезбедно место за жената е нејзиниот дом. Затоа, од витално значење да осигураме жените да се чувствуваат заштитени, поддржани и да се слушне нивниот глас. Работилниците како оваа се клучни за согледување и испитување на судските практики, надминување на стереотипите и градење на доверба во правосудниот систем, истакнала Сабина Ѓапо, програмска менаџерка на AIRE центарот.

Таа посочила дека мониторингот од AIRE центарот и неговите локални партнери во регионот покажа напредок во проценката на ризикот и мерките за рана интервенција, што доведе до зголемување на лишувањето од слобода по случаи на семејно и родово насилство.

-Северна Македонија има квалитетна законска рамка и цврсти закони поврзани со спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои пропишуваат и унапредуваат заштитни мерки. Сепак, судиите во праксата се соочуваат со одредени предизвици, посочила директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, Ирина Трајкоска Стрезоски.

Според неа, за спречување на фемицид или барем за намалување на неговата зачестеност треба да има координирана мултисекторска соработка меѓу надлежните институции и правилна проценка на ризикот, што ќе го унапреди системот за заштита. Трајкоска Стрезоски посочила дека Академијата ќе ги фокусира своите идни програми за обука кон справување со овие предизвици.

-Фемицидот и општото родово-базирано насилство како системски прашања се облик на дискриминација и насилство насочено кон жените. Прашањето на родово-базирано насилство е многу сериозен проблем кој ги засега сите држави-членки на Советот на Европа. Тоа е проблем кој не секогаш излегува на површина во јавната сфера и влијае врз различни членови на семејството, но жените сочинуваат огромно мнозинство од жртвите, истакнала судијката на Врховниот суд и поранешна судијка на ЕСЧП, Мирјана Лазарова Трајковска.

Таа посочила дека и судовите и правните професионалци мора да усвојат родово-сензитивен пристап при водење на правни постапки и донесување на пресуди, а покрај тоа треба да се залагаат и за унапредување на родовата рамноправност во самото правосудство.

-Семејното и родово-базираното насилство и фемицидот се трагедии кои длабоко ги засегаат не само поединците и семејствата, туку и општеството во целина. Статистиката јасно покажува дека бројот на фемициди во Западниот Балкан е алармантен, а многу од овие жени немале можност навреме да добијат адекватна заштита. Ставање крај на насилството врз жените е еден од главните приоритети во Mеѓународната стратегија за жени и девојки на Министерството за надворешни работи, Комонвелтот и развој (FCDO). Со нашиот партнер AIRE центарот работиме со судии, обвинители и правни експерти во Северна Македонија за да дискутираме за начините на кои може да се подобри судскиот одговор во однос на фемицидот, нагласил раководителот на програми во Британската амбасада во Скопје, Ендру Бренд.

Ирина Трајкоска Стрезоски изразила благодарност за долгогодишните партнери на Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, вклучувајќи го и AIRE центарот и судските експерти кои одржаа предавања на настанот.

-Во изминатите неколку години, Академијата и АIRE центарот успешно реализираа низа активности насочени кон унапредување на правосудниот систем во нашата земја, а дел од нив беа едукативни настани поврзани со фемицидот. Голема привилегија е да се учи од искусни и истакнати професионалци. Тимот на говорници кои се избрани за денешниот настан ни го нуди токму тоа искуство. Би сакал да им се заблагодарам на г-ѓа Мирјана Лазаровска Трајковска, поранешна судијка на ЕСЧП и сегашна судијка на Врховниот суд, како и на судиите Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска од Апелациониот суд Скопје, за нивното присуство. Уверена сум дека нашата успешна соработка ќе продолжи и во иднина, истакнала Трајкоска Стрезоски.

На работилницата беа посочени предизвиците при правното квалификување на случаите на фемицид, казнените политики и улогата на Истанбулската конвенција, кои беа презентирани од судиите Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска од Апелациониот суд Скопје. Воедно биле презентиран и извештајот „Фемицид во Република Северна Македонија: Состојба, правна рамка и судска пракса“ кој нуди длабинска анализа на судскиот одговор на државата во врска со фемицидите. дма/са/

Фото: Академијата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан