• вторник, 29 октомври 2024

Во Рејкјавик средба Бенедиктсон - Зеленски

Во Рејкјавик средба Бенедиктсон - Зеленски

Рејкјавик, 29 октомври 2024 (МИА) – На денешната средба во Рејкјавик помеѓу премиерот на Исланд, Бјарни Бенедиктсон и претседателот на Украина, Володимир Зеленски се разговараше за вложување во одбранбеното производство и поддршката на патот кон НАТО.

Зеленски се заблагодари на нордиските држави за поддршката за Украина од првиот ден на судирот со Русија.

- Секој ден ги браниме нашите животи, нашите домови, нашите деца. Но, тоа не би било можно без вашата силна поддршка, поддршката од секој партнер. Ние сме многу благодарни, но денес мора да бидеме посилни за да го запреме (рускиот претседател Владимир) Путин. И сакам да разговарате за ова со нашите партнери, со сите сојузници. Имаме „План за победа“, се стремиме кон негова вистинска поддршка, нагласи Зеленски.

Тој побара Исланд да го финансира производството на Украина на гранати, беспилотни летала и ракети со долг дострел и друго оружје и да се приклучи на коалицијата за засолништа иницирана од Украина и Финска.

Тој се заблагодари и на Исланд за поддршката на Украина на нејзиниот пат кон НАТО и нагласи дека поканата на Украина во Алијансата е првата точка од Планот за победа, бидејќи, како што наведе, тоа е „единствената гаранција за долгорочен мир“.

Тоа е прва посета на Зеленски на Исланд. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан