• недела, 22 декември 2024

Во Прилеп се одржаа работилница и обука на службите за односи со јавност во Пелагонискиот регион

Во Прилеп се одржаа работилница и обука на службите за односи со јавност во Пелагонискиот регион

Прилеп, 7 јуни 2024 (МИА) - „Јавноста на општинската работа“ е насловот на работилницата и обуката за тимовите за односи со јавност за 9-те општини во Пелагонискиот плански регион што се одржа денеска во просториите на невладиното здружение „Станица П.Е.Т.“ во Прилеп.

Организаторот, прилепското здружение „Агтис“ ја спроведува работилницата со PR тимовите на општините, која всушност е почеток на долгорочната обука и меѓусебното споделување знаења и вештини на општинските служби за односи со јавноста во Пелагонија, за уметноста на општинско информирање на јавноста, што не е ниту новинарство, ниту известување на заедницата, ниту голи еднонасочни соопштенија, туку стратешка општинска определба и служба.

-Целта е подигнување на капацитетот на службите во општините. Тука се претставниците од општинските служби за односи со јавност, тука треба да споделат искуства. Сакаме службите и да ги мотивираме. Само тогаш ќе ја сфатат својата улога дека се мост меѓу граѓаните и општините. Ситуацијата моментално е „шарена“. Некаде има професионален тим, некаде нема ниту задолжени лица. Некаде се мотивирани, на друго место не се, зашто се случува градоначалникот да не ги зема предвид. Сакаме да направиме стандард во сите општини да ја имаат вистинската улога во односот со граѓаните, со јавноста, која мора да е информирана што се работи во нивата средина и да ѝ бидат одговорени сите прашања, рече Александар Цветкоски од невладиното здружение „Агтис“.

Една од основните улоги на Општината е да воспостави контакт со граѓаните.

-Како ќе се воспостави тој контакт ако немаме едуцирани лица кои ќе ѝ помогнат на целокупната општинска администрација да го направи тоа. Односите со јавноста не се класично новинарство, не се портпаролство, туку  тоа е воспоставување баланс на соработка, на подадена рака за пријателство, разговор и дијалог помеѓу Општината и граѓаните. Мора да функционираат веб-страниците. Имаме одреден напредок, но треба работа. Всушност, локалните самоуправи се должни да ги информираат граѓаните, тоа е членот 8 од Законот за локална самоуправа, а за веб-страниците е и во законот за транспарентност и во законот за информации од јавен карактер. Тоа сето мора да функционира, изјави едукаторот на работилницата Весна Арсовска, советник за односи со јавност во ЗЕЛС.

Невладината „Агтис“ има потпишано меморандум за соработка и разбирање со сите општини во Пелагонија за да започне сервисот за општинско информирање, па обуката ја смета како дел од тој систем, наречен ИРИС (Информален регионален информациски сервис), кој веќе емитува содржини и програма и поставува модели на работа.

Инаку, 7 од 9 општини во Пелагонискиот регион моментално имаат служби за односи со јавност. ем/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан