Во Прилеп почнува Пивофест
- Од денеска, 18, до недела 20 јули во Прилеп ќе се одржува познатата летна манифестација фестивалот на пивото, популарниот „Пивофест“.
Прилеп, 18 јули 2025 (МИА) - Од денеска, 18, до недела 20 јули во Прилеп ќе се одржува познатата летна манифестација фестивалот на пивото, популарниот „Пивофест“.
На повеќе од 10 штандови во центарот на Прилеп ќе се дегустирааат видови пиво од пет пиварници од земјава и странство и гостите може да уживаат во вкусна скара. Организаторите „GoodFellas“ најавуваат голема забава со музика сите три дена за сите генерации.
Булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на градот е затворен за сообраќај веќе трет ден и така ќе биде до понеделник.

- Очекуваме голем број гости од земјава и странство зашто „Пивофест“ е познат бренд повеќе од две децении. Новина е што годинава, покрај главната сцена, се враќа алтернативната сцена за младите генерации на камената бина на плоштадот „Александрија“, За чистотата, редот и паркирањето на големиот број автомобили кои се очекуваат се грижат општинските јавни комунални претпријатија. Веќе се најавуваат гости, вели Христијан Тунески од организацијата на „Пивофест“.
Организаторите најавија богати содржини сите три фестивалски дена: различни пива од домашни и странски брендови, музика во живо и ди-џеј сетови, фестивалско мени и пивски коктели, натпревари, квизови и дегустации, семејна зона со детска програма и маскоти.
Уште на отворањето ќе настапат познати музички имиња, а тоа ќе биде трите дена. Почетокот на фестивалот се најавува од 16 часот. Меѓу познатите музички имиња се Антонија Гигоска, Битолскиот камерен оркестар, Никола Роквиќ, Харис Џиновиќ, Тајзи и Дамјан Стојаноски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески го нагласува економскиот бенефит.
-Прилепската чаршија има одобрение да работи со продолжено работно време. Очекуваме голем број гости и секако Фестивалот е голем бенефит за локалната економија, рече Јовчески.
Општина Прилеп Фестивалот го финансира со еден милион денари. ем/мд/
фото: МИА