• понеделник, 13 мај 2024

Во Полска уапсен наводно руски шпион кој планирал атентат на Зеленски

Во Полска уапсен наводно руски шпион кој планирал атентат на Зеленски

Варшава, 18 април 2024 (МИА) - Полицијата во Полска денеска уапси маж затоа што наводно шпионирал за руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) и затоа што наводно се согласил да учествува во заговор за убиство на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти денеска полското обвинителство.

Во соопштението на обвинителството се вели дека човекот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да им открие информации за безбедноста на аеродромот на руските агенти и дека бил уапсен во средата во Полска.

Се наведува дека човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, која е главен центар за меѓународни воени и хуманитарни испораки за Украина. Исто така, им служи на лидерите и политичарите кои патуваат до и од Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.

Доколку биде прогласен за виновен, човекот може да биде осуден на затворска казна до осум години.

Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои ги информирале и обезбедиле клучни докази. Се додава дека истрагата се уште е во тек.

Откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, неколку луѓе беа уапсени во Полска под обвинение за шпионирање за Русија. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан