• четврток, 15 мај 2025

Во Охрид ќе се одржи архитектонскиот настан „Начинот на Чипан“

Во Охрид ќе се одржи архитектонскиот настан „Начинот на Чипан“

Охрид, 28 април 2025 (МИА) – Со дисусија од областа на архитектурата, архитектонското наследство и неговата иднина на 3 мај ќе биде одбележана 70-годишнината од изградбата на Феријалното одморалиште во Охрид и објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ од познатиот охридски и македонски архитект Борис Чипан. Во присуство на реномирани архитекти, професори и конзерватори ќе бидат презентирани и резултатите од претходно објавениот меѓународен архитектонски конкурс „Наутички клуб – Охрид“ за обновување на Феријалното одморалиште на северниот брег на Охридското Езеро.

Настанот ќе се одржува во организација на колективот АРХРИД, со поддршка од Општина Охрид и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РМ, во партнерство со „TerraViva“.

На собирот инспириран од авторското творештво на Борис Чипан , екипата на АРХАРД се става во слична позиција, но од друга временска перспектива, каде модернистичкото архитектонско наследство е веќе составен дел на нашето минато што треба да биде проучено, вреднувано и соодветно третирано од аспект на денешната современост.

Освен одбележување на јубилеите и паралелна промоција на трудовите од спроведениот конкурс, крајната цел на настанот е афирмација на современото архитектонско творештво преку ретроспективно согледување на значењето на вредното проектантско и публицистичко творештвото на Чипан како архитект и конзерватор, информираат од АРХРИД.

На изложбата што тематски ќе биде поделена на два дела, компатративно ќе  бидат согледани предизвиците и процесот на работа во полето на архитектурата во Охрид од две различни временски перспективи – минатото во однос на сегашноста и сегашноста во однос на иднината.

Имајќи ја предвид комплексноста на изложениот материјал, со цел да се доближи значењето на физички изложените продукти до пошироката публика, но исто така и да се поттикне архитектонски дискурс кој подолго време му недостасува на Охрид, во рамки на настанот се планирани две панел дискусии коишто ќе претставуваат вовед во двата дела на изложбата соодветно, додаваат од АРХРИД.

Во рамки на првата панел дискусија ќе се направи компарација помеѓу препознавањето,  вреднувањето и третирањето на архитектонското наследство во минатото и денес. Во рамки на втората панел дискусија ќе се даде акцент на улогата на архитектонските конкурси во поглед на препознавање на потенцијалот и значењето кое го носи постоечкото модернистичко наследство во Охрид, со осврт на конкретен пример – неодамна спроведениот интернационален конкурс за ревитализација на објектот на Феријалното одморалиште во Охрид. аб/дма/

Фото: Плакат

Остани поврзан