Во Охрид дискусија за штетноста на дивите депонии, затворањето на депонијата „Буково“ ќе чини најмалку три милиони евра
- Подигањето на јавната свест за корисноста од одлагање на отпадот во модерна санитарна депонија, со минимизирање на негативното влијание вр животната средина, како и штетноста што по околината ја имаат дивите депонии беше тема на дискусија на денешната средба што во организација на Здружението на даватели на комунални услуги на РСМ (АДКОМ) се одржа во Охрид.
![Во Охрид дискусија за штетноста на дивите депонии, затворањето на депонијата „Буково“ ќе чини најмалку три милиони евра](https://mia.mk/images/20231103142901_big_730x400_39.webp )
Охрид, 3 ноември 2023 (МИА) – Подигањето на јавната свест за корисноста од одлагање на отпадот во модерна санитарна депонија, со минимизирање на негативното влијание вр животната средина, како и штетноста што по околината ја имаат дивите депонии беше тема на дискусија на денешната средба што во организација на Здружението на даватели на комунални услуги на РСМ (АДКОМ) се одржа во Охрид.
Југозападниот плански регион се уште ја чека долго најавуваната санитарна депонија за комунален отпад, што според последниот план, треба да биде изградена во битолското село Новаци, како регионална депонија во која ќе се депонира отпадот од целиот Југозападен и од Пелагонискиот регион.
Од управување со емисиите на гас, до следење на подземните води, модерната наука за депониите им овозможува на денешните комунални претпријатија да го собираат отпадот со минимизирање на негативното еколошко влијание што е можно повеќе. Модерните депонии се повеќе фабрики за производство на секундарни суровини отколку депонии за одлагање отпад, беше посочено на состанокот.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков посочи дека за Општината е важна модерната депонија од повеќе аспекти, бидејќи не само што отпадот од градот и околината се одлага во диви депонии како онаа на Буково, која честопати е опожарена и го загадува воздухот, туку и од страна на УНЕСКО се инсистира на нејзино затворање.
- Горлива е темата, интересна за овој период. Тука сме за да се слушнат различни мислења. Едукацијата во принцип е најбитниот фактор за негативното влијание на дивите депонии. За една година од мојот мандат на територија на општина Охрид се дислоцирани повеќе од 120 диви депонии, кои за жал повторно се појавуваат. Оттаму е битно таа регионална депонија во Новаци да ја добиеме час поскоро, рече Пецаков.
Ана Петковска од Министерството за животна средина и просторно планирање изрази уваерување дека со заеднички активности на сите субјекти ќе се надминат проблемите со управувањето со комуналниот отпад.
- Министерството ангажираше техничка помош за да видеме дали можат да се здружат регионите и излезе дека Југозападниот и Пелагонискиот регион можат поекономично да управуваат со отпадот. Ќе се зголеми бројот на претоварни станици, со една регионална санитарна депонија. Како и да е, инвестицијата сама по себе не е доволна за надминување на проблемот со депонирањето на отпадот, поради одредени состојби што го спречуваат постојаното подобрување...Во овој плански регион има осум несоодветни депонии, кои честопати се палат, тие се извори на сериозни канцерогени материи и нивното работење на сегашниот начин, се потешко ќе биде управувањето со нив, рече таа.
Петковска посочи дека не сите општини и региони се поеднакво подготвени да ги спроведат своите одговорности и надлежности околу управувањето со комуналниот отпад. Системот на тарифирање на услугите, како што посочи, во моментов не е соодветен и не ги стимулира корисниците на услугите да ги намалуваат количините отпад и истиот да го селектираат, општините не можат да обезбедат поеднаква услуга на сите корисници, условите за селектирање на се исти, локациите на депониите се несоодветни, ризични и без мониторинг за негативното влијание врз околината.
- Изградбата на регионална депонија е скапа инвестиција. Потребно е да се има минимум 250 илјади жители кои би го одлагале отпадот на една депонија за да се исплати инвестицијата, но и за нејзиното тековно економично работење...рече Петковска.
Таа посочи и на неопходноста од затворање на несоодветните депонии, осум во Југозападниот регион, процес за кој средствата ќе треба да се покријат сукцесивно од сите субјекти, дел и од самите општини.
Според последните пресметки, затворањето на депонијата „Буково“ ќе чини најмалку три милиони евра, средства што не се обезбедени со кредитот за изградбата на новата депонија. аб/бак/
Фото: МИА