• петок, 27 декември 2024

Во општите болници во Струга и Кавадарци отворени две нови Роса школи за доење

Во општите болници во Струга и Кавадарци отворени две нови Роса школи за доење

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Две нови „Роса школи за доење“ се отворени денеска во рамки на општите болници во Струга и во Кавадарци. Целта на школите е да им помогне на младите родители во справување со предизвиците од нивните нови животни улоги. Во новите модерно опремени школи за доење во Струга и Кавадарци сите нови и идни мајки ќе добијат бесплатна стручна помош, совети и соодветна едукација за процесот на доење и за родителството воопшто. 

Од Пивара Скопје најавуваат дека заедно со Министерството за здравство и во 2025 продолжуваат со оваа иницијатива, со цел унапредување, промоција и поддршка на доењето. Ова, велат, е дел од долгорочната иницијатива на „Роса“ за поддршка на новите родители, која од 2018 година се спроведува заедно со Министерството за здравство и во чии рамки на која досега се отворени девет школи за родителство и осум школи за доење во повеќе градови низ земјава.

-Исклучително сме горди што овој проект бележи успех уште од самиот почеток, со отворањето на првата школа во 2018, па се до денес. Секое отворање нова „Роса“ школа за доење ни носи особена радост и како компанија, бидејќи токму тоа ја отсликува нашата посветена грижа и поддршка за правилна нега на најмалите и обезбедувањето неопходна едукација за новите родители, но и мене лично како родител кој ја разбира важноста на поддршката во таков чувствителен период“, вели Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје.

Според него, оваа иницијатива има за цел „да создаде здрави основи за идните генерации и е пример како со заедничка посветеност може да се поттикне културата на поддршка и солидарност во нашето општество“.

Министерот за здравство Арбен Таравари смета дека ваквите иницијативи се многу значајни, при што ја истакнува одличната соработка со Пивара Скопје.

-На одделот за гинекологија и акушерство во Општа болница Струга и Општа болница Кавадарци, во соработка со Пивара Скопје, се опремени посебни простории каде штотуку породените мајки и идни родители ќе имаат можност, со поддршка од медицински лица, да се информираат за важноста и придобивките од доењето. По тој повод сакам да ја истакнам одличната соработка со Пивара Скопје, како општествено одговорна компанија, со чија поддршка, во рамки на втората фаза на овој проект, годинава промовираме уште две нови школи за доење во болниците во Струга и во Кавадарци. Во нив младите родители имаат можност за консултација со стручен тим - педијатар, гинеколог-акушер и патронажна сестра - за предностите на ексклузивно доење, како и за други актуелни прашања поврзани со постпородилниот период, истакна министерот за здравство, д-р Арбен Тарвари.

Како што информираат од „Пивара Скопје“ за реализација на овој проект и опремување и реновирање на просторот, компанијата одвојува по 1 денар од секое продадено шише „Роса“ од 1,5 и 0,5 литри. 

Роса школите за доење и за родителство се клучен дел од заложбите на на компанијата за поддршка на заедницата. Овие школи претставуваат дел од пошироката стратегија на „Пивара Скопје“ за активно учество во унапредување на општественото здравје и благосостојба. Со посебен акцент на важноста на доењето и родителството, проектот има за цел да создаде долгорочен позитивен ефект врз заедницата. сст/ац/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан