• сабота, 28 декември 2024

Прилепска регионална стопанска комора: Стопанствениците подготвуваат проекти за користење на унгарскиот кредит

Прилепска регионална стопанска комора: Стопанствениците подготвуваат проекти за користење на унгарскиот кредит

Прилеп, 27 декември 2024 (МИА) - Дел стопанственици во Прилепско-пелагонискиот регион имаат подготвени бизнис програми и проекти, дел веќе забрзано ги подготвуваат за користењето на средствата од унгарскиот кредит, беше нагласено на денешната седница на Управниот одбор на Регионалната прилепска стопанска комора на која присуствуваа претставници од Битолската регионална стопанска комора и заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

-Условите се многу поволни со ниската каматна стапка и, најмногу, со можноста за грејс период од 3 години. Не само што сме решени да користиме средства од унгарскиот кредит, туку и буџетот е направен и од страна на нашиот финансиски консалтинг е потврдено за сумата која планираме да ја подигнеме. Средствата ќе ги користиме за технолошки раст и развој. Веќе имаме обезбедено и план кои машини и од каде ќе се набавуваат и секако, за градење деловен простор кој ни е неопходен поради зголемениот обем на работа, рече Ирена Јакимоска од прилепската текстилна индустрија чија фирма со околу 850 вработени има сопствено производство и целото е за извоз.

Стевчо Димески, регионален раководител на Стопанска банка - Скопје вели дека се работи на подготовката на договорите и на целата банкарска процедура, а има голем интерес од речиси сите сектори во стопанството.

-Генерално, интерес постои од сите сегменти – и од производство, и од трговија и од сите оние стопанственици кои планираат успешно стопанисување и користење на овој кредит. Претстои период на завршување на сите процедури, на изготвување договори и како банкари сметаме дека веќе во првиот квартал од 2025 година ќе има ефекти кои ќе се почувствуваат во домашната економија, рече Димески.

Според заменик-министерот Ристески унгарската кредитна линија е многу поволна и ќе придонесе за економскиот раст кој се предвидува на 3,7 проценти. Освен тоа државата ќе одвои повеќе средства и за обуки на млади кадри, а голем импулс се и средствата за капитални проекти на општините.

-Со користењето на унгарскиот кредит очекуваме подобрување на економската состојба во Македонија. Секако, тука се и 250-те милиони евра за капитални инвестиции во општините со што ќе имаме големо раздвижување и на градежниот сектор. Тоа, секако, ќе предизвика добар економски раст кој за наредната година се предвидува на околу 3,7 проценти, па зголемување на бруто домашниот производ и поефикасно полнење на буџетот. Освен тоа имаме и добри програми за едуцирање и вработување на младите стручни кадри. Се подобруваат мерките од оперативниот план на Министерството за економија и труд, на Агенцијата за вработување и на Агенцијата за развој на претприемништвото за мерките да бидат поефикасни и подостапни, пред сѐ, до младите луѓе. Токму затоа, за наредната година преку Агенцијата за вработување во буџетот имаме предвидено 6 милиони евра повеќе за тие бизнис планови со кои ќе може да аплицираат млади луѓе, мали и средни претпријатија, изјави Ристески.

Прилепската регионална стопанска комора очекува во 2025 година приоритет да бидат  извозот и зголемувањето на продуктивноста.

-Долго време се споменува недостигот на работна сила. Ние мора да работиме на едукација на вработените за да застанеме на патот на иселувањето, дали тоа ќе биде преку зголемени плати или зголемено производство. Размислуваме на преквалификации или доквалификации, на нови технологии на работа за зголемување на продуктивноста. Очекуваме позитивна и продуктивна 2025 година. Еве, голем плус се и средствата од унгарскиот кредит, а голем импакт ќе даде и инфраструктурното поврзување – експресниот пат Градско-Прилеп, а и автопатот Прилеп-Битола, рече Никола Мариноски, претседател на Прилепската регионална стопанска комора при денешната седница на Управниот одбор на Комората.ем/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан