• недела, 22 декември 2024

Во Неготино инклузивна работилница во чест на Свети Трифун и Свети Валентин 

Во Неготино инклузивна работилница во чест на Свети Трифун и Свети Валентин 

Неготино, 14 февруари 2024 (МИА) - Инклузивна работилница во чест на Свети Трифун и Свети Валентин, беше реализирана попладнево во Неготино. На работилницата учествуваа млади неготинци заедно со корисници на услугите на дневниот центар за лица со попреченост ,,Порака". Тие заеднички упатија порака за почитување на различностите и давање можност секому, да ја изрази својата креативност и да даде максимум од своите можности, во негувањето на  сопствениот талент. 

- Моите другари Николија Златевска, Игор Стојков, Цветанка Пасинечка и јас, заедно со нашите пријатели од неготинска ,,Порака", го реализиравме проектот ,,Да подариме срце". Всушност, изработувавме срциња на кои испишавме пораки за љубов, внимание, позитивни мисли. Заеднички ја испративме пораката дека во светот не треба да постојат разлики помеѓу луѓето, бидејќи секој човек е вреден на посебен начин, рече за МИА, Загорка Панова, матурантка и младински активист. 

Таа нагласи дека досега реализирале неколку инклузивни проекти со лицата од ,,Порака" и нивното дружење прераснало во вистинско и искрено пријателство.

Панова информираше дека денешните активности биле со поддршка на американската YES програма. свд/ир


Фото : проект „Да подариме срце"

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан