Во Македонска Каменица асфалтирана ул. „Ковачевска“, градоначалникот Атанасовски најави уште пет нови инфраструктурни проекти
- Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска на својот фејсбук профил објави дека заврши асфалтирањето на улица „Ковачевска“ во должина од 550 метри. Со тоа, како што стои во неговата објава, трајно се решава еден од клучните инфраструктурни проблеми на жителите од овој дел на Стара Каменица.
Македонска Каменица, 1 јуни 2025 (МИА) - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска на својот фејсбук профил објави дека заврши асфалтирањето на улица „Ковачевска“ во должина од 550 метри. Со тоа, како што стои во неговата објава, трајно се решава еден од клучните инфраструктурни проблеми на жителите од овој дел на Стара Каменица.
Паралелно со овие активности, напиша Атанасовски, се работи и на други проекти во делот на инфраструктурата.
- Се работи на изградбата на улица Питу Гули, а Општина Македонска Каменица веќе аплицираше со пет нови проекти на јавниот повик на Министерството за локална самоуправа и тоа: Спој Косевица – Моштица + крак до Горанска маала (2.220 м). Спој с. Цера – с. Саса (1.987 м), Локален пат до маало Гребење, с. Цера (1.347 м), Локален пат до Ефендиско маало, с. Луковица (463 м) и Локален пат до Паровско маало, с. Косевица (1.222 м), соопшти Атанасовски.

Реализацијата на овие проекти, објави, ќе започне во текот на летниот период, а нивната реализација ќе овозможи подобра поврзаност, повисоко ниво на мобилност и побезбеден пристап, првенствено до домовите и имотите на жителите од руралните средини.
- Упатувам искрена благодарност до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, за визијата и поддршката која ја дава на локалниот развој и рамномерен напредок на Општина Македонска Каменица и на сите општини во државата. Благодарност и до министерот за локална самоуправа, Златко Перински, за континуираната соработка и разбирањето за потребите на нашата општина. Нивната посветеност овозможува реализација на повеќе значајни проекти кои директно го подобруваат животот на граѓаните – не само во урбаните, туку и во руралните средини. Со нивната поддршка, Македонска Каменица чекори напред со сигурни и конкретни чекори, додаде Атанасовски во објавата.
Како градоначалник, најави дека останува посветен на подобра инфраструктура и подобар живот за сите граѓани на Македонска Каменица. вс/цр
Фото: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица