Во Куманово ќе се зголеми цената за приклучок на гас за 55 проценти
- Јавното претпријатие „Куманово гас“ ќе ја зголеми цената за приклучок на гасоводната мрежа, одлучија советниците на денешната седница. Цената за приклучокот ќе се зголеми за 55 проценти. Надлежните од претпријатието велат дека се одлучиле за непопуларната мерка поради високите набавни цени на делови за приклучок.
Куманово, 29 октомври 2024 (МИА) - Јавното претпријатие „Куманово гас“ ќе ја зголеми цената за приклучок на гасоводната мрежа, одлучија советниците на денешната седница. Цената за приклучокот ќе се зголеми за 55 проценти. Надлежните од претпријатието велат дека се одлучиле за непопуларната мерка поради високите набавни цени на делови за приклучок.
- Направивме детална анализа за куќен приклучок за последниве три години како се движи цената за деловите кои се монтираат. Ние мора да излеземе во оваа одлука за да не бележи загуба претпријатието. Цената ќе се зголеми од 800 на 1.250 евра, и е навистина висока. Затоа апелираме до сите, да се изнајде можности, општината да надомести со субвенции, за да граѓаните не ја почувствуваат драстичната разлика, рече директорот на ЈП Марко Митровски.
Советничката Атина Мургашанска од СДСМ кажа дека опозицијата нема да го подржи предлогот.
- Сметам дека ваков, огромен скок од повеќе од 50 посто е навистина неприфатливо. Постојано говориме дека сме пионери во гасификацијата, како еколошки пооправдано гориво, а сега и онака малкуте расположените граѓани на ваков начин да ги демоларизираме и нема да сакаат да се приклучат, рече Мургашанска.
Митровски посочи дека претпријатието имало вработувања во делот на даватели на услуги, додека бројката на администрацијата останала иста. Тој потсети на лошата енергетска година кога цената на природниот гас скокна значително и речиси сите субјекти се префрлија на други енергенси за загревање. Лани, цената на природниот гас беше прилично стабилна што довело до враќање на потрошувачите пред сè, правните субјекти. Минатата година, мрежата беше проширена кон техничкото училиште и интернатот. Наскоро ќе биде потпишан договор помеѓу претпријатието и овие установи. За идната година се очекува приклучок на дополнителни шест големи субјекти.
- Да се развие ова претпријатие треба огромни средства, основната главнина не е значајно зголемена од самото формирање, кажа Митровски.
Со поддршка на ланските субвенции на Владата и Општината ср зголемил и бројот на приклучоци на домаќинствата за сто. „Куманово гас“ ќе реализира уште проекти со поддршка на Владата, бидејќи општина Куманово аплицираше за проширување на мрежата кон Доброшане. ам/дма/
Фото: Општина Куманово