• недела, 22 декември 2024

ДКСК постапува по наводите за директорот на АНБ, ако во разумен рок не ги испита наводите, Обвинителството ќе оформи предмет

ДКСК постапува по наводите за директорот на АНБ, ако во разумен рок не ги испита наводите, Обвинителството ќе оформи предмет

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) – Моментално Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) постапува по предметот за новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност, доколку во разумен рок не ги испитаат наводите, Обвинителството секако ќе оформи предмет и ќе ги провери, информираат од ОЈО Скопје за МИА.

ДКСК минатата недела отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, за МИА потврди дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет и веќе се постапува.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика бројни реакции во јавноста.

Од СДСМ денеска го повикаа Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности и да се утврди и одговорност за прекршувањето на законот.

-Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ што претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност. Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна исграта која точно и непристрасно ќе утврди  кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот, се вели во соопштението од СДСМ.

Владата на седница на 16 октомври го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, а на негово место го именува Бојан Христовски. аа/сст/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан