• среда, 22 јануари 2025

Во Куманово тркалезна маса „Промовирање на социјална инклузија за време на избори на онлајн медиумите“

Во Куманово тркалезна маса  „Промовирање на социјална инклузија за време на избори на онлајн медиумите“

Куманово, 18 декември 2024 (МИА) - Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), денеска во Куманово организираше тркалезна маса на тема „Промовирање на социјална инклузија за време на избори на онлајн медиумите“. Настанот има за цел да поттикне конструктивен дијалог за зголемена социјална инклузија во онлајн медиумите/интернет порталите за време на изборната кампања.

-Направивме истражување, селектиравме релевантен примерок на написи од интерен портали кои се и на листата и на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање. Ги зедовме натписите поврзани со маргинализираните групи и длабинската анализа покажа дека групите, за жал, малку се претставени за време на изборната кампања или се презентирани преку виктимизирачка рамка, кажа Марина Тунева, експерт за медиуми.

Ранливите категории не доаѓаат до израз и не можат да ги кажат своите потреби во општеството. Истражувањето покажало дека политичките партии ги спомнуваат и им посветуваат внимание во однос на нивната ранливост, без да им дадат глас за нивните потреби и овие групи се исклучени од јавните прашања.

-Пренесени се политички наративи без критичка опсервација и граѓаните се изложени на униформен наратив, додава Тунева.

На трибината присутните претставници од институциите ги разгледаа различните аспекти во промовирање на социјалната инклузија во онлајн медиумските кампањи и во платеното политичко рекламирање. Тимот експерти ги презентираше клучните наоди од последните парламентарни избори и споделија предлози за политики за да се поттикнат позитивни промени.

- За мене најбитна работа е финансирањето на интернет порталите во време на кампањата која се одвива со државни пари, но регулативата и контролата на трошењето на државните пари има простор за дополнително унапредување. Иницијативата се темели на опсежно истражување за време на парламентарните избори на 30 интернет портали, два генератори на вести. Сите наоди се преточени во јавните анализи и се презентирани на конференција и на јавни настани во други градови за да се слушне гласот и на локалните власти, рече Афердита Хаџијаха Имери, од Меѓународна фондација за изборни системи IFES.

На настанот присуствуваа претставници од институции, граѓански организации и други релевантни засегнати страни кои дискутира за стратегиите за подобрено медиумско покривање за време на изборниот период. Учесниците имаа можност да дадат препораки за подобрување на законската и институционалната рамка во насока на подобрена поддршка во инклузивноста во изборното покривање на онлајн медиумите/интернет порталите. ам/вг/


Фото: МИА
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан