• среда, 27 март 2024

Во Кочани се одржа 48. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“

Во Кочани се одржа 48. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“

Кочани, 31 мај 2023 (МИА) – Дваесет и четири млади автори од поетски клубови во основните училишта и општинските бибилотеки во државата учествуваа на 48. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“, што денеска го организираше општинската библиотека „Искра“ од Кочани.

Во соработка со литературниот клуб „Копнеж“, тричлена жири комисија ги разгледуваше поетските творби што беа прихјавени на конкурсот, а гран-при наградата „Димитар Гогов“ ѝ ја додели на Бојана Илиева, ученичка во деветто одделение во ОУ „Страшо Пинџур“ од Чешиново.

Втората награда ја поделија Илина Митева од ОУ „Никола Карев“ од Кочани и Елисавета Китанова од ОУ „Даме Груев“ од струмичко Куклиш, а со трета награда се закитија учениците Теона Цонева од ОУ „Славчо Стојменски“ од Виница, Лазар Нацев од ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци и Мила Митровска од ОУ „Магдалена Антова“ од Куманово.

- Годинава на конкурсот за најдобра поетска творба имаше одличен интерес и ни пристигнаа повеќе творби за чиј квалитет жири комисијата имаше само пофални оценки. Темата на која пишуваа учениците беше слободна, а најмногу наслови имаше со романтична и патриотска содржина, истакна Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, директорка на библиотеката „Искра“.

На фестивалот „Мајски цвет“ беше доделена и награда за најдобар ментор што ја доби Тодорка Стоименова, наставничка во ОУ „Страшо Пинџур“ од Чешиново, а специјална фестивалска награда доби Далиборка Милосјова, професорка по македонски јазик во ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци.

Признанија за придонес во одржувањето на манифестацијата им беа доделени на ОУ „Коста Рацин“ од село Подареш, Радовишко, на Литературниот клуб при Домот на културата „Крсте Мисирков“ од Свети Николе и на библиотеката „Браќа Миладиновци“ од Радовиш. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан