• недела, 22 декември 2024

Во Кавадарци реализиран проект за намалување на негативното влијание на цврстиот отпад врз животната средина

Во Кавадарци реализиран проект за намалување на негативното влијание на цврстиот отпад врз животната средина

Кавадарци, 5 јули 2024 (МИА) - „Примена на позитивни еколошки практики за намалување на негативното влијание на цврстиот отпад врз животната средина и глобалното затоплување", е насловен проектот чиј завршен настан беше реализиран синоќа во дворот на Вински музеј Кавадарци. Проектот беше имплементиран од страна на Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко-живот", во соработка со средното општинско училиште „Киро Спанџов Брко" и Општина Кавадарци, а финансиран од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд. 

Како што беше кажано на настанот, генерална цел на проектот е зголемување на свеста за штетното влијание по животната средина на несоодветното управување со цврстиот отпад и намалување на количината на цврст отпад преку негова креативна реупотреба. Беа изложени и изработки, плод на обуки за реупотреба на цврст отпад. 

- Неопходно е да се создава што помалку отпад, да се реупотребува отпадот, за да имаме почиста и поздрава животна средина, истакна меѓу другото, Роберто Паризов, претседател на „Еко-живот". 

Пред присутните се обратија и Златко Самарџиев, национален програмски координатор на Глобален еколошки фонд, Програма за мали грантови, директорот на „Киро Спанџов- Брко", Душко Лазов и координаторката на проектот Елена Ризова. 

Претставникот на Вински музеј,  Зоран Станоев ја поздрави акцијата и посака вакви и слични настани и во иднина. 

- Како музеј, секогаш сме отворени за соработка со сите генерации и најразлични субјекти што имаат заедничка цел зачувување на историјата, традицијата и културата, како и природата и животната средина, рече Станоев. 

Свој настап имаше и балетското студио „Венус". свд/вг/

Фото: МИА 

Остани поврзан