• петок, 22 ноември 2024

Во Кавадарци работна средба „Како до поголема пристапност и достапност на услуги за помош и поддршка на жртви на насилство во Вардарскиот регион"

Во Кавадарци работна средба „Како до поголема пристапност и достапност на услуги за помош и поддршка на жртви на насилство во Вардарскиот регион

Кавадарци, 12 октомври 2023 (МИА) - Работна средба на тема „Како до поголема пристапност и достапност на услуги за помош и поддршка на жртви на насилство во Вардарскиот регион", се одржува денеска во Кавадарци. 

Настанот е организиран од Здружение за родова еднаквост Визија - Кавадарци и Организација на жените на Општина Велес во рамки на проектот „На пат кон ЕУ – Стоп на насилството врз жените во Република Македонија“, имплементиран од страна на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, поддржан од Foundation Kvinna till Kvinna. 

- На средбата се споделуваат искуствата од веќе воспоставената соработка помеѓу Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, ЗРЕ Визија и општините во Тиквешкиот регион и постигнатите резултати, воспоставен Советувалишен центар за поддршка на жени и деца жртви на родово засновано и семејно насилство, Женски центар за поддршка Кавадарци, прв регионален центар на национално ниво, што обезбедува специјализирана поддршка за оваа ранлива категорија, појасни Благица Коцева - Тодорова, претседател на „Визија". 

Таа потсети дека Центарот беше воспоставен во септември 2022 година и една година функционира со финансиска поддршка обезбедена од четирите општини во тиквешки регион и тоа Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман. 

На средбата беа поканети градоначалници, претседатели и членови на општински совети, членови на локални комисии за еднакви можности, како и претставници од локалните центри за социјална работа и полициски станици. 

- Целта на работната средба е да се разгледаат можностите за воспоставување на втор советувалиштен центар, во општина Велес, преку кој ќе се обезбедат услуги за помош и поддршка на жени и деца жртви во Велес, Лозово, Градско и Чашка, додаде Коцева - Тодорова. 

Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров изрази задоволство што како општина, се дел од проектот. 

- Заедно со општините Кавадарци, Неготино и Росоман, целта ни е да ја зајакнеме специјализираната поддршка за оваа ранлива категорија и да им обезбедиме посигурен и поквалитетен живот, преку зголемена заштита, спречување на насилството кај жените, економско јакнење и осамостојување на жените жртви и помош при надминување на стекнатите трауми и последици од насилството, рече Петров. 

Тој нагласи дека  и понатаму ќе продолжат да работат заедно на подобрување на моменталната состојба, намалување на насилствата и дискриминацијата, разбивање на стереотипите поврзани со оваа тема и достигнување на посакуваниот степен на родова еднаквост. свд/цр

Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан