Во Кавадарци отворени изложбите ,,Мал формат" и ,,МиниАРТура" на Друштвото на ликовни уметници
- Изложбите насловени ,,Мал формат" и ,,МиниАРТура" на Друштвото на ликовни уметници, беа отворени вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци. Претставени се дела во дводимензионален и тродимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација.
Кавадарци, 11 декември 2024 (МИА) - Изложбите насловени ,,Мал формат" и ,,МиниАРТура" на Друштвото на ликовни уметници, беа отворени вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци. Претставени се дела во дводимензионален и тродимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација.
Директорот на Музејот, Јаким Зимоски изрази задоволство и рече дека ќе продолжи соработката со Друштвото на ликовни уметници.
Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност во Музејот, појасни дека се изложени над 120 дела од 65 автори изработени во најразлична техника.
- Оваа изложба е истражување на интимноста и деталите. Делата со мал формат, нудат посебно искуство во споредба со поголемите платна, ги покануваат гледачите да се приближат, да се вклучат подлабоко и да размислуваат за уметноста во личен, интимен простор и имаат посебен шарм, истакна Цветков.
Тој нагласи дека еден од највпечатливите аспекти на минијатурите и малиот формат е нивната интимност.
Во малите дела, рече, секој елемент носи значителна тежина.
- За разлика од делата со голем формат, каде што уметникот може да има поголема слобода да создава драматични контрасти или широки потези, овде се бара прецизност и фокус. Деталите без разлика дали се работи за еден цвет, портрет, треперење на светлината на вода или суптилна промена во сенка стануваат клучни, истакна Цветков.
Оваа прецизност, подвлече тој, често е еден од белезите на делата со мал формат, и многу уметници го користат тоа во своја полза.
- Намалената големина може да го зголеми емоционалниот интензитет на овие дела, правејќи ги да изгледаат поранливи па дури и поинтензивни од поголемите формати. И покрај нивната мала големина, овие дела можат да имаат значителен емотивен удар. Минијатурната слика може да долови минлив момент, деликатна емоција или интимна сцена, оставајќи му на гледачот траен впечаток многу подалеку од неговите физички димензии, додаде Цветков.
Професорката Катерина Таневска, член на Управниот одбор на ДЛУМ, рече дека со вечерашниот настан, денешната генерација на ДЛУМ одговори на предизвиците како ликовна провокација, претставувајки енергични, креативни и квалитетни дела во магични мали и магични минијатурни димензии.
Поставките ќе бидат отворени за посета до 20 декември. свд/sa/
Фото: МИА