• среда, 24 јули 2024

Во заклучоците од Брисел се потенцира дека ЕУ очекува БиХ да продолжи со реформите

Во заклучоците од Брисел се потенцира дека ЕУ очекува БиХ да продолжи со реформите

Брисел, 5 декември 2023 (МИА) - Учесниците на Вториот политички форум на високо ниво меѓу Европската Унија и Босна и Херцеговина очекуваат дека земјата ќе продолжи со спроведувањето на реформите, а претставниците на БиХ цврсто веруваат дека неопходното ново усогласување со критериумите за членство може да биде постигнато во текот на декември годинава, објави новинската агенција Фена.

Во текстот се наведува дека оваа позиција е договорена по форумот организиран од Европската комисија, претставена од комесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и Советот на министри на Босна и Херцеговина, предводени од претседавачот Борјана Кришто.

Како што е наведено во договорениот документ, во кој Фена имала увид, учесниците се свесни за политичката можност што ја дава препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за влез во ЕУ, како и за потребата од спроведување на натамошни реформи во Босна и Херцеговина.

„Со цел да се даде поддршка на напорите што БиХ ги презема на нејзиниот европски пат, учесниците на форумот го анализираа напредокот на БиХ со посебен акцент на клучните приоритети и чекори опишани во препораката за доделување кандидатски статус и повикаа на итно завршување на сè уште неспроведените уставни реформи и реформи на изборното законодавство“, се наведува во документот.

Европската комисија ќе поднесе извештај до Советот на министри на БиХ за напредокот најдоцна до март 2024 година, додека третиот форум ќе биде свикан за шест месеци.

Повеќе од четириесет политички претставници од Босна и Херцеговина, од сите нивоа на власта, денеска во Брисел учествуваа на состанок во рамките на Вториот политички форум, со кој претседаваше еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. ссм/

фото: архива

Остани поврзан