• четврток, 27 јуни 2024

Во Делчево усвоен ребалансот на општинскиот буџет за 2023 година

Во Делчево усвоен ребалансот на општинскиот буџет за 2023 година

Делчево, 16 ноември 2023 (МИА) - Во Делчево усвоен е ребалансот на општинскиот буџет за 2023 година. Ребалансот е усвоен по продолжението на 28-та Седница на општинскиот Совет, на која со одлуката за измени и дополнувања, извршено е зголемување  на Буџетот за 33,8 милиони денари со што вкупниот буџет ќе изнесува 352,1 милион денари. 

-Вкупните приходи во Основниот буџет се зголемени за 24,7 милиони денари или 24 проценти. Зголемувањето на Буџетот произлегува од зголемување на даноците на специфични услуги, односно комуналиите, приходите од ДДВ и трансферите од другите нивоа на власт, истакна Ане Ситновска Димитровска од Одделението за финансии, која пред советниците го образложи новиот ребаланс.

Со новиот ребаланс во буџетот на дотации зголемувањето е за 6,7 милиони денари и изнесува 206 милиони денари.

-Истото се однесува и кај билансот на донации каде има зголемување за 2,3 милиони денари, додека билансот на расходите изнесува 352.121.715  денари, додаде Ситновска Димитровска.

Седницата за ребаланс на Буџетот претходно беше прекината оправдано поради неодржување на Комисијата за финансии при Советот на Општина Делчево. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан