• недела, 22 декември 2024

Стојаноски: Ја поздравуваме одлуката на РКЕ за минимално поскапување на струјата, ова е максимумот што можевме сега да го направиме

Стојаноски: Ја поздравуваме одлуката на РКЕ за минимално поскапување на струјата, ова е максимумот што можевме сега да го направиме

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за минималното покачување на цената на електричната енергија и велат дека оваа одлука доаѓа откога се создадоа услови, по усвојувањето на Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика што беше поднесен од тогашниот пратеник, а сегашен премиер, Христијан Мицкоски и од нивната пратеничка група.

-Со тие измени кои беа усвоени со 84 гласа „за“, прво се создаде услов за продолжување на лиценцата на универзалниот снабдувач, со што се заштеди и на средства кои што се потребни за да се формира ново правно лице, но и на роковите кои што беа потребни за формирање на истото правно лице со што, пак, се создаде можност маржата која што е клучна за пресметување на цената на електричната енергија да биде намалена од 11,5 на 9,9 отсто, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција во Собранието.

Нагласи дека и претседателот на РКЕ  укажал дека по усвојувањето на овој Закон се создале услови за да нема ценовен шок на граѓаните и потсети дека Мицкоски упати апел до универзалниот снабдувач за оптимизација на енергетскиот систем, за остаток од 15 отсто од потребната електрична енергија што треба да се набави од слободниот пазар по цени од 90-100 евра мегават час, наместо по 60 што ги понуди ЕСМ на домашниот тендер, да успеат да се надополнат од домашниот пазар и на тој начин цената на електрична енергија да остане скоро иста како што е сега.

-Ова е максимум што можеше новото парламентарно мнозинство и новата владејачка коалиција да го направи со оглед на тоа што се уште во клучните институции не е преземено владеењето. Она што планираме да го направиме во наредниот регулациски период тоа е од 1 јануари до јуни 2025 година, да го оптимизираме енергетскиот систем со што ќе ги намалиме трошоците кои се нудат на универзалниот снабдувач. Ќе успееме подомаќински да работиме и на тој начин доколку надворешните влијанија во енергетскиот сектор не бидат на некое подруго ниво, ќе успееме дополнително да ја намалиме цената на електричната енергија, потенцира Стојаноски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи да ги користи сите можни инструменти за да нема ценовни шокови и за да го подобри животот на граѓаните.

Посочи дека државава во изминатите седум години мака мачи со покачувањето на потрошувачката кошничка и со инфлацијата, а токму, како што кажа, цената на електричната енергија и на горивата се двата клучни фактори кои ја подгреваат инфлацијата.вј/са/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан