• петок, 05 декември 2025

Во Делчево показна вежба по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди 

Во Делчево показна вежба по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди 

Делчево, 17 ноември 2025 (МИА) – Со тактичко-показна вежба за спасување повредено лице во сообраќајна незгода со едно возило, во Делчево денес беше одбележан Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди. На вежбата беше демонстрирана интервенција кај лице со повреди од стакло и страно тело, што бара брза и стручна реакција на надлежните служби и навремено транспортирање до ургентен центар.

Вежбата ја потврди подготвеноста и координацијата на МВР, Итната медицинска помош и Територијалната противпожарна единица Делчево при постапување во сообраќајни незгоди. Според податоците, сообраќајните незгоди со едно возило се најчестиот тип несреќи на територијата на општината во последните пет години, што беше и причина токму ваков сценарио да биде избрано за денешната демонстрација.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека значењето на овој ден е во оддавање почит кон сите кои го изгубиле животот или биле повредени во сообраќајни незгоди.

-Овој ден нè потсетува дека зад секоја бројка и статистика стои човечки живот. Со секоја жртва или телесна повреда, заедницата губи повеќе од индивидуалец – го губи неговиот потенцијал и идно влијание во општеството, рече Гоцевски.

Тој нагласи дека целта на Општината е до 2030 година да се постигне намалување од 50 отсто на сообраќајните незгоди со последици.

-Повикувам на координација и соработка на сите засегнати страни за воспоставување одржлив систем за управување со безбедноста во сообраќајот. Но, пред сè, пораката е до сите учесници во сообраќајот: возете одговорно. Ниту една дестинација не е поважна од човечкиот живот, додаде тој, посочувајќи дека Општината ќе продолжи со мерки за зголемување на сообраќајната безбедност.

Анализата на податоците за периодот 2020–2024 година покажува дека на подрачјето на Делчево животот го загубиле шест лица, а со тешки и лесни повреди се здобиле над 150 лица.

Настанот беше организиран од Општината Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Сообраќајната полиција, Инспекторот за превенција при ПС Делчево, Здравствениот дом „Гоце Делчев“, Црвениот крст – Општинска организација Делчево и ученици од СОУ „М.М. Брицо“.

Во рамки на активностите беше промовирана и можноста за психосоцијална поддршка за лица вклучени во сообраќајни незгоди и нивните семејства преку бесплатните телефонски линии на Црвениот крст на РСМ +389 72 271 048 (Скопје) +389 71 338 081 (Кочани) и 389 203 030 (Штип). вс/вј/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан