Во Делчево одржана првата форумска сесија за креирање на Буџетот на Општината за 2026 година
- Во Делчево денеска се одржа првата форумска сесија од Буџетскиот форум за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година. На форумот активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, граѓанскиот сектор и локалните институции.
Делчево, 13 ноември 2025 (МИА) – Во Делчево денеска се одржа првата форумска сесија од Буџетскиот форум за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година. На форумот активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, граѓанскиот сектор и локалните институции.
Целта на форумот е преку директно вклучување на граѓаните да се идентификуваат приоритетните проекти за реализација во наредната година, а Општината, земајќи го предвид гласот на граѓаните и направените анализи, ќе ги вгради нивните предлози во буџетското планирање.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој го отвори форумот, истакна дека големиот интерес на граѓаните е потврда дека тие сакаат активно да учествуваат во процесот на одлучување.
-Општината и граѓаните треба да градат партнерство и да водат отворен дијалог, бидејќи имаме единствена цел – задоволни граѓани во една урбана и модерна општина. Наша цел е буџетот да биде вистинско огледало на потребите на граѓаните. Мојата интенција е секој денар да биде насочен кон подобар животен стандард, подобра инфраструктура, образование, екологија, социјални услуги, но и култура, изјави Гоцевски.
Тој ги информираше присутните дека на Првата седница на Советот на Општина Делчево едногласно била донесена Одлуката за одобрување на Планот на програмите за развој на Општината за 2026 година.
-Десетте развојни програми тежат над 111 милиони денари – средства одвоени од Владата. Во Буџетот за 2026 година се планираат повеќе средства за општински стипендии, за граѓанскиот сектор и спортските клубови, како и за културата и инвестиции во животната средина. Свесен сум дека има многу нерешени проблеми, но тука сме за да ги решаваме, нагласи градоначалникот.
Во рамките на сесијата беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево во делот на инфраструктурата, предлог-рамката на Буџетот за 2026 година, како и програмите за образование, граѓански сектор, спорт и култура.
На крајот од сесијата беа формирани работни групи кои ги дефинираа приоритетите за реализација, за кои граѓаните ќе гласаат на следната форумска сесија. вс/вј/
Фото: МИА