• среда, 26 јуни 2024

Во Делчево одбележан Меѓународниот ден на детската литература

Во Делчево одбележан Меѓународниот ден на детската литература

Делчево, 3 април 2023 (МИА) - Во организација на Јавната локална библиотека ,,Илинден" во Делчево денеска се одржа литературно читање по повод Меѓународниот ден на детската литература, 2 Април. Целта на настанот, како што истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска, е да се промовира љубовта кон читањето кај децата и да се нагласи важноста на книгите.

-Јавната локална библиотека „Илинден“ денешниот ден го одблежува заедно со училишната библиотека на ООУ „Св.Климент Охридски“, односно во соработка со наставник-библиотекар Валентина Даневска.
Учениците од ова училиште читаа детска литература на македонски, англиски, француски, германски и италијански јазик, а сето тоа благодарение на нивните наставници од ова училиште кои ги предаваат овие предмети, истакна Петровска.
 
Подвлече дека е мошне важно што денешните деца се уште растат со култните книги за деца потенцирајки дека литературата за деца е еден многу сериозен сегмент во една национална литература.
 
-Ако не ги научиме децата да читаат и да и се посветуваат на литературата, тогаш не можеме да очекуваме и сериозни читатели подоцна, кога тие ќе станат возрасни. Денешните деца за среќа сѐ уште уживаат и растат на пример со „Зоки Поки“ од Оливера Николова, со „Големи и мали“' на Бошко Смаќоски, „Касни порасни“ на Петре М. Андреески и ред други. Тоа се култни книги или евергрини во литературата за деца, додасе Петровска.
 
Денот на литературата за деца, како што беше кажано пред делчевските ученици, за првпат бил прославен во 1967, а оттогаш секоја година во светот се одбележува. Датумот го означува роденденот на Ханс Кристијан Андерсен, прочуениот дански автор, познат по делата како „Грдото пајче“, „Малата сирена“, „Девојчето со кибритчиња“ и многу други. вс/дма/Фото: МИА

Остани поврзан